Интегрален текст од изјава за медиуми на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес оствари средба со граѓани на Валандово. Тој на средбата потенцира дека истиот впечаток кој што го добил и во Босилово, и во Ново село, и во Радовиш, Струмица и во Конче се пресликува и тука во Валандово. Станува збор за навистина тешка ситуација, луѓето гледаат безидејност, безнадежност. Полека својата иднина ја гледаат надвор од Република Македонија, да ги напуштат родните огништа, а сето тоа е резултат на политиките кои што новата влада предводена од Социјалдемократскиот сојуз и Зоран Заев ги водат во Република Македонија, изјави Мицкоски.
Тој се осврна и на нацрт спогодбата која Заев ја понуди на јужниот сосед.
Таман помисливме дека ќе престане да дава изјави поврзани со спорот кој што нашиот јужен сосед го има со нашето уставно име, видовме дека уште еден гаф се случи, а тоа е предлог спогодба која што Зоран Заев и министерот за надворешни работи Димитров пред некој ден ја доставиле до соседна Грција без воопшто да се консултираат за нејзината содржина со ВМРО-ДПМНЕ и за тајмингот кога таа предлог спогодба ќе ја поднесат.
Навистина не ја гледам суштината на идните лидерски евентуални средби освен ако нема некој нов момент за кој што треба да не информираат. Станува збор за една загрижувачка ситуација во државата, додаде Мицкоски.
Станува збор за една соло игра на господинот Зоран Заев поддржани од господинот Димитров, Министерот за надворешни работи и ако таа спогодба треба да биде спогодба на Зоран Заев со Грција, тогаш ние само така можеме да разбереме бидејќи ние навистина не сме учествувале ниту во нејзината содржина нити пак во тајмингот кога истата е предадена, изјави Мицкоски.
Тој осврнувајќи се на општата економска состојба додаде дека луѓето се безнадежни, луѓето губат надеж, а тоа е резултат на погрешните политики на владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз.
Мицкоски посочи дека владата ќе го одвлекува вниманието од катастрофалните политики преку разни конструирани случаи и нов политички терор.
Очекувам дека деновиве поради сите овие погрешни потези кои што ги влечат ќе се случат нови судски процеси, нови судски проблеми, терор врз неистомислениците на оваа влада но можам да им порачам дека доаѓа денот кога набрзо ќе бидат минато и доаѓа денот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира новата влада во Република Македонија. Доаѓа новата надеж за Република Македонија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.