Лидерот на центристичката, социјално-либерална грчка партија Река, Ставрос Теодоракис, во емисијата „Сега“ на грчки „Скај“ изјави дека „Таип Ердоган му побарал на Зоран Заев да Турција отвори воена база“ како контра услуга за поддршката и помошта што земјата би ѝ ја давала на Македонија, пренесува десничарскиот грчки „Елефтерос типос“.

И Грција и Турција се членки на НАТО, но постојано се во судир околу поморската граница во Егејот и кипарското прашање.

– Ќе дозволиме ли да се формира турска воена база на нашата северна граница и толку близу до Солун – запрашал Теодоракис, чија партија има шест пратеници во грчкиот парламент и двајца во Европарламентот.

Теодоракис ова го кажал во контекст на преговорите за името и како поткрепа на заложбата дека проблемот треба што поскоро да се реши.

Тој неодамна имаше средба со премиерот Ципрас на која разговараа за потребата од формирање Совет за национална безбедност.

Сложено име за севкупна употреба, но и бришење на „агресивниот дух кон Грците“ од Уставот, учебниците и секојдневниот живот во соседната земја, се позициите на Теодоракис за прашањето за името.

– Едно сложено име за севкупна употреба, паралелно со конкретни обврски од нашите соседи дека ќе има бришење во нивниот Устав и во учебниците. Многу инсистирам на учебниците затоа што тие ја градат свеста, дека од нивното секојдневие, од нивната култура, ќе се избрише овој агресивен дух кон Грците и кон грчката Македонија – вели Теодоракис за „Скај“.

Лидерот на „Река“ одби директно да одговори каква ќе биде позицијата доколку договорот дојде во грчкиот Парламент.

Гласањето, според него, ќе зависи од самиот предлог и што тој точно ќе содржи.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2018 01:17