Во три блок трансакции во изминатите два дена продадени се 462.335 акции на Комерцијална банка АД Скопје.

Во блок трансакција завчера се истргувани 298.003 акции издадени од Комерцијална банка АД Скопје по цена од 3.750 денари по акција, во вкупна вредност од 1.117.511.250 денари.

– Досегашниот акционер со квалификувано учество East Capital Explorer Investments AB и неговото поврзано лице Salink Limited изврши продажба на сите акции што ги поседуваше во Банката, односно 298.003 акции што претставува 13,076 отсто учество во вкупниот број на акции издадени од Комерцијална банка АД Скопје, наведоа од банката.

Купувачи на продадените акции се во оваа блок трансакција се Адора Инженеринг ДООЕЛ Експорт Импорт, Гранит АД Скопје, ИГМ-Трејд Илија ДОО и Индустри Сервис ДОО Скопје

Секое од правните лица поединечно не го надминува прагот од пет отсто акционерско учество во вкупниот капитал на Банката.

Вчера, пак, во две блок трансакции се истргувани 164.332 акции издадени од Комерцијална банка АД Скопје по цена од 3.750 денари по акција, во вкупна вредност од 616.245.000 денари.

На продажната страна на трансакциите се јавуваат странски инвестициски фондови и нивните клиенти, додека на куповната страна се јавуваат две физички лица. Меѓу купувачите се Макпетрол АД Скопје, Индустри Сервис ДОО Скопје, М.Г. Фешн ДОО Увоз-Извоз Скопје, ЛЕАН ДОО Скопје, ЗСФ-КОМ ДООЕЛ Увоз-Извоз Скопје и ИНТ Трејд ДООЕЛ Кочани.

Од банката наведоа дека секој од купувачите поединечно не го надминува прагот од пет отсто акционерско учество во вкупниот капитал на Банката.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2018 15:39