Поради родовата нееднаквост и малото учество на жените на пазарот на труд се прават загуби од околу 15 проценти во Бруто домашниот производ, укажуваат од Светска банка.

Оттаму оценуваат дека доколку се зголеми вработувањето на жените и се искористат нивните вештини и квалификации тогаш тоа сигурно ќе се одрази и на зголемувањето на БДП.

- Многу е тешко да се пресмета колкав би бил растот, но зголеменото учество на жените во економската активност позитивно влијае врз економскиот развој, истакна Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светска банка во Скопје на денешната презентација на работилницата „Градење сознанија за инклузивен раст и создавање работни места во Западен Балкан“.

Истражувањата на Светска банка покажуваат дека во Македонија само 45 проценти од жените на возраст од 15 до 24 години се вработени или се обучуваат, а околу 60 проценти не прават ништо иако имаат соодветно образование и квалификации.

Дел од причините за ова, Светска банка ги гледа во тоа што жената е онаа која се уште ги чува децата или се грижи за старите лица во семејството и нема време да се вклучи на пазарот на труд.

- Во Македонија има ограничена достапност на услуги по прифатливи цени. Постои потреба од формални услуги за грижа за децата, а во поглед на обезбедувањето на грижа за повозрасните лица постојат многу малку домови и дневни центри кои би им ја олесниле грижата на жените. Дури има и иструмент на одвраќање да се користи ваквов вид на грижа за повозрасни лица бидејќи има општествено наметнато мислење децата да се грижат за родителите, вели Ана Марија Муњоз Буде, експерт за социјални науки на Светска банка.

Истражувањата покажуваат дека жените потешко наоѓаат работа и нивниот труд не е еднакво вреднуван како на мажите дури и кога имаат поголеми квалификации од нив.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/03/2018 02:34