Себастијан Фетел ја освои првата трка во новата сезона во Формула 1 – Големата награда на Австралија.

Втор беше Луис Хамилтон од Мерцедес, а клупскиот другар на Фетел во Ферари, Кими Раиконен заврши трет. Даниел Риџкардо од Ред Бул) е четврти, а петти финишираше Фернандо Алонсо од Мекларен.

Луис Хамилтон започна успешно и се справи со првиот напад на Кими Раиконен. До 13-тиот круг Хамилтон немаше проблеми, а зад него беа двата пилоти на „скудерија“. Во 20-от и 21-от круг започнаа влегувањата во бокс за лидерите. Прво влегоа Раиконен и Хамилтон, а Себастијан Фетел излезе како лидер на патеката.

Германецот влезе подоцна – во 29-тиот круг. Четирикратниот светски шампион го изненади Хамилтон откако се врати на патеката пред него и го задржа водството.

Актуелниот светски шампион се обиде да го стигне пилотот на Ферари и во 50-от круг разликата беше само 1,5 секунда. Меѓутоа, на крајот, Фетел го задржа првото место и триумфираше во првата трка за сезоната.

Во топ 10 влегоа уште Верстапен (Ред Бул), Хулкенберг (Рено), Ботас (Мерцедес), Вандорн (Мекларен) и Сајнц (Рено).



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2018 22:54