Поранешниот романски претседател Трајан Басеску, кој учествува на голем митинг во Кишињев по повод 100-годишнината од обединувањето на Бесарабија и Романија во 1918 година, ги повика парламентите на Романија и Молдавија да гласаат „во најкус можен рок" за обединување на двете држави.

Илјадници луѓе се собраа на Плоштадот на Големото национално собрание во Кишињев, извикувајќи слогани „Обединување" и „Долу границата меѓу браќа" и пееја патриотски песни, како и химните на двете држави.

Трајан Басеску ги повика парламентите на Романија и Молдавија да гласаат за обединување на двете земји, истакнувајќи дека сега живеат „според волјата на Сталин и Хитлер, и според омразениот пакт Рибентроп-Молотов".

- Ги повикуваме парламентите во Букурешт и Кишињев во најкраток можен рок, во чест на стогодишнината, да гласаат за обединување, истакна Басеску, додавајќи дека „тоа е прашање на национално достоинство. Тој рече дека Молдавија е дел од Романија, а Молдавците се граѓани на Романија.

Поранешниот шеф на државата, актуелен лидер на Партијата Народно движење и почесен претседател на молдавската Партија на национално единство, е долгогодишен поддржувач на идејата за обединување на Романија и Молдавија. Поради оваа позиција, минатата година, молдавскиот претседател Игор Додон му го одзеде молдавското државјанство.

Митингот е организиран од групи кои поддржуваат обединување на Романија и Молдавија, а од молдавска страна се вклучија Партијата на национално единство, Либералната партија, Национал-либералната партија и Либерално-демократската партија. Исто така, беа поканети градоначалници на повеќе од 100 населени места во Молдавија, кои потпишаа декларација за обединување со Романија.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2018 23:06