Нови сезонски дестинации и зголемена фреквенција на постојните релации се предвидени со летниот ред на летање што стапува во сила денеска и ќе трае до 27 октомври годинава.
Со одобрениот ред на летање од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), како што информираат оттаму, авиопревозниците бележат дополнителни 32 лета кон повеќе дестинации до кои и со зимскиот ред вршеа редовен авиопревоз, пренесе МИА.
Со сегашната мрежа од 38 дестинации на 13 редовни авиокомпании од скопскиот аеродром за патниците се достапни Барселона, Базел, Белград, Берлин, Братислава, Брисел, Будимпешта, Келн, Копенхаген, Доха, Дортмунд, Дубаи, Ајндховен, Франкфурт, Фридрихшафен, Гетеборг, Хамбург, Хановер, Истанбул (со двата аеродрома-Ататурк и Сабиха Гокчен), Љубљана, Лондон, Малме, Малта, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Прага, Рим, Стокхолм, Векше, Венеција, Виена, Варшава, Загреб и Цирих. Овие релациии ги опслужуваат авиокомпаниите: Виз ер, Ер Србија, Катар ервејс, Флај Дубаи, Туркиш ерлајнс, Пегасус ерлајнс, Адриа ервејс, Чех ерлајнс, Аустриан ерлајнс, ЛОТ Полиш ерлајнс, Кроација ерлајнс, Еделвајз и Германија Флуг АГ.
Како што најавуваат од ТАВ Македонија, концесионер на македонските аеродроми, покрај редовните линии од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ за Базел, Цирих и Лондон, од ноември годинава Виена ќе биде нова дестинација која ќе ја воведе „Виз ер“ и ќе функционира исто така преку целата година.