Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија вечерва ја одржа петтата седница.

Членовите на Централниот одбор дискутираа за актуелната состојба во државата, спроведувањето на реформите, политиките за подобар живот на граѓаните, зголемување на животниот стандард и внатрепартиските активности.

Во своето обраќање пред членовите на Централниот одбор, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и премиер, Зоран Заев, акцентираше дека реформите и економските мерки на Владата даваат резултат што е потврдено преку параметрите за раст на платите и раздвижување на економијата.

„Економијата ја раздвиживме. Зголемувањето на минималната плата дава конкретни резултати, се отвори спиралата на раст и платите се зголемуваат. Со укинувањето на радиодифузната такса, воведувањето на евтината тарифа на струјата, зголемените и навремени субвенции повеќе пари остануваат во семејните буџети. Меѓународниот успех што го постигнавме позитивно влијае врз имиџот на земјава а тоа се рефлектира и врз економијата. Потпишани се договори за инвестирање со 9 странски компании, а се разговара со уште други 20 странски, како и повеќе домашни компании што сакаат да инвестираат. Очекуваме ефектите да бидат уште поизразени“ рече претседателот Заев.

Во насока на поширока поддршка на започнатите реформски процеси претседателот Заев најави дека започнува разговори со други политички субјекти за зголемување на парламентарното мнозинство.

„Оваа недела започнувам разговори за зголемување на парламентарното мнозинство. Целта е, преку разговор со други политички субјекти да обезбедиме поширока поддршка на реформскиот процес и на реализација на Планот 3-6-9. Во оваа насока оставаме простор, преку политички дијалог и со опозицијата, клучните закони, за коишто е потребно пошироко мнозинство, да бидат донесени и со учество на опозицијата“ порача претседателот Заев.

На седницата, беа избрани и тројца нови членови на Централниот одбор кои пополнија дел од испразнетите места. Костадин Костадинов, Андреј Жерновски и Чедомир Саздовски се избрани за нови членови на Централниот одбор.

На седницата беше усвоен Годишниот финансиски извештај за работата на партијата за 2017 година и беа дефинирани следни чекори на внатрепартиско делување.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2018 00:25