Тоа што е донесено со газење на Уставот, со прекршување на деловникот и законите, со силување на демократијата не може да биде Закон.

Секое објавување во „Службен весник“ на т.н Закон за употреба на јазиците без претходен потпис од страна на Претседателот на државата, г-нот Ѓорѓи Иванов, повторувам без потпис на Претседателот на државата, не е ни легално ни легитимно и сноси не само политички туку и правни последици.

Тука пред просториите на Службениот весник на Република Македонија уште еднаш предупредуваме дека незаконското објавување на законот се смета за Злоупотреба на службена должност и е казниво согласно член 353 од Кривичниот закон на Република Македонија. Ова дело не застарува за година, две или три за да може сторителот да биде амнестиран од судството на Зоран Заев. Со оглед на тежината на делото и огромните штети по буџетот на Република Македонија кои би ги предизвикало незаконското објавување во Службен весник, ставот 5 од членот 353 предвидува затворска казна од најмалку 5 години.

Ниту една институција, ниту едно раководно лице не смее да падне под нелегалниот притисок на власта и мора да работи по словото на законот. Заев и неговите партнери ги прекршија законските и уставните одредби за да донесат неуставен закон кој има за цел да ги одржи на власт, но ние веруваме дека тоа Службениот весник нема да го дозволи бидејќи спротивната постапка носи и кривична одговорност.

Секој совесен граѓанин, а пред се функционер треба да знае дека ако на врвот на Владата им е вообичаено да ги злоупотребуваат одредбите на законите, тоа не смее да биде правило ако сакаме да имаме правна држава и поредок во Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2018 16:15