Одлуките на некои западни земји да протераат руски дипломати се донесени под притисок и уцени на САД, изјави денеска министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.

- Кога ќе протераат еден или двајца дипломати, а ни дошепнуваат извинување поради тоа, занеме дека протерувањето е резултат на колосален притосок и колосална уцена, што е главен инструмет на меѓународната сцена на шефовите во Вашинтон, изјави Лавров.

Поради „Случајот Скрипал“, Велика Британија протера 23 руски дипломати, а во знак на солидарност со Лондон, дипломати од Русија протераа и САД, Австралија, Канада, 17 земји-членки на Европска унија, како и Украина, Норвешка, Албанија и Македонија .

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, претходно најави дека Москва адекватно ќе одговори на одлуките на Вашингтон и западните земји за протерувањето руските дипломати.

Таа додаде дека тоа се однесува на протерувањето на руските дипломати и затворањето на Конзулатот на Русија во Сиетл.

- Адекватен одговор ќе биде даден на сите чекори на САД и на ЕУ, кои ги видовме, рече Захарова.

Сепак, и покрај солидарноста на на неколку западни земји, низа држави не се приклучија на глобалната координирана акција на протерување на руски дипломати.

- Спроведовме проверки во Нов Зеланд. Немаме непотврдени официјални претставници на руската разузнавачка служба. Ако имавме, ќе ги протеравме, изјави премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Арднер.

Таа изрази принципиелна поддршка за Велика Британија и додаде дека нејзината Влада ќе продолжи да размислува за мерки кои може да ги преземе за да ја поддржи меѓународната заедница.

Словенија, исто така не е меѓу земјите кои ќе протераат руски дипломати. Словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец изјави дека официјална Љубљана не донела одлука за протерување на руски дипломат и оти тоа нема да го направи се додека не се докаже што всушност се случило при инцидентот во Солсбери.

- Се уште е прерано за одговор како Словенија ќе постапи во врска со овој случај. Ние се придржуваме на ставот прифатен на неодамнешниот состанок на Европскиот совет дека е потребно да се утврди што точно се случило, изјави Ерјавец.

Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека земјата не планира да протерува руски дипломати откако тоа го сторија поголемиот дел од европските земји.

Ниту Белгија засега не презема никакви „мерки за солидарност“ со Велика Британија. За таквиот став се уште нема потврда од белгиското Министерство за надворешни работи.

Мерката, засега, нема да ја поддржи ниту Австрија, која соопшти дека сака да го одржи „дијалогот со Москва отворен“.

Црна Гора се уште не го соопшти ставот дали ќе се придружи на акцијата, но засега нема таква најава.

Словачка остро го осуди настанот и го повика на разговор рускиот амбасадор во Братислава, но засега нема да протерува руски дипломати.

Кипар, исто така, информираше дека нема да се придружи на координираната акција на западните земји.

Во групата земји кои нема да протераат руски дипломати се и Грција и Португалија.

И турскиот вицепремиер Бекир Боздаг изјави дека Анкара не планира да протерува руски дипломати поради „Случајот Скрипал“.

Поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија на 4 март беа нападнати со нервен гас во Солсбери. Нивната состојба е и понатаму критична.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2018 16:43