Возот, за кој се претпоставува дека допатувала висока севернокорејска делегација во Кина, денеска отпатува од Пекинг, изјави очевидец.
Јапонските медиуми вчера објавија дека под силни безбедносни мерки, специјален севернокорејски воз пристигнал во Пекинг, што сугерира дека допатувала делегација на високи претставници на Пјонгјанг.
- Зелено-жолтиот воз многу наликува на возот со кој поранешниот севернокорејски лидер Ким Џонг-ил, пристигна во Пекинг во 2011 година, истакнаа дел од јапонските медиуми.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека не е информирана за посета на севернокорејска делегација.
Државните медиуми во Северна Кореја, исто така не информираа за патувањето на делегација во Кина.
Таквите наводи ги поттикнаа шпекулациите дека во Пекинг најверојатно пристигнал и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Агенцијата Блумберг, повикувајќи се на три неименувани извори, објави дека Ким пристигнал во посета на Кина.
Се претпоставува дека тоа е негово прво патување во странство откако ја презеде власта во 2011 година.
Белата куќа соопшти дека не знае ништо за посетата на Ким, додека јужнокорејската Влада, која обично е известена за случувањата во Северна Кореја, истакна дека внимателно ја следи ситуацијата.
Кина е еден од најважните сојузници на Северна Кореја, но односите се тензични поради развивањето на нуклеарно оружје и ракети со голем дострел од страна на Пјонгјанг.
Претходно беше најавено дека севернокорејскиот лидер Ким планира да се сретне со претседателот на Јужна Кореја и на САД до крајот на мај.