Жените војници можат подобро да ги поднесат воените вежби од своите машки колеги, покажува ново истражување на норвешкиот Институт за безбедност ФФИ.
Студијата покажува дека „жените подобро губат маснотии при тренинзите, што може да биде предност во подолгорочни вежби или при операции“. Исто така, се вели и дека жените побрзо закрепнуваат.
Истражувањето опфатило 23 мажи и 12 жени војници од Специјалните вооружени сили на Норвешка, кои биле подложни на физички напори, и по еднонеделното тестирање, е утврдено дека мажите изгубиле во просек по 2,7 килограми мускулна маса, а жените загубиле само маснотии.
Меѓутоа, очекувано, не се сите импресионирани од резултатите. Полковник Харалд Хојбак, кој претходно тврдел дека жените војници ја ослабнуваат борбената способност на Норвешка, ги отфрла овие научни сознанија.
- Колку е важно брзото закрепнување кај жената ако таа има значително помала физичка способност и капацитет?, прашува полковникот.
Бројот на жени во норвешката Војска постојано расте по воведувањето задолжителна служба за жените во 2015 година.