Соочени со неизвесноста од содржината на конечниот договор за Брегзит, доколку дојде до него, британските компании преземаа одредени мерки.

Според резултатите од анкетата спроведена од адвокатската канцеларија „Пинсент Мејсонс“, 51 отсто од големите претпријатија во Велика Британија усвоиле итни планови. Тие компании планираат да го префрлат својот персонал на европскиот континент.

Британското Министерство за финансии, од своја страна, обезбеди неколку милијарди фунти за подготовка за излез од ЕУ.

Периодот на транзиција ќе се оствари само доколку Лондон и 27-те членки на Унијата постигнат договор околу условите за напуштање и тоа до октомври оваа година, кога треба да биде потпишан договорот за повлекување од членството. До крајот на октомври ќе биде утврден и идниот однос меѓу двете страни.

Европски претставници истакнаа дека засега не е ништо договорено.

Лондон сака да го напушти единствениот пазар и царинската унија, но и да ги зачува блиските врски со Унијата. Меѓутоа, Брисел не се согласува со тоа.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2018 12:10