Македонскиот медиумски етер од утре ќе биде збогатен со нов медиум – Националната Телевизија “1ТВ“. Телевизијата ќе започне со емитување редовна програма во етер од 19 часот и ќе биде достапна за гледачите преку операторите – ОНЕ.ВИП, Телеком, Неотел, Тотал ТВ преку ЕОН, како и на Нет ТВ во целиот свет.
Националната телевизија “1ТВ“ е сочинета од тим искусни професионалци со долгогодишно новинарско искуство кои ќе се погрижат за воведување и пласирање различна програмска понуда, со високо квалитетни содржини.
Главен и одговорен уредник на “1ТВ“ е Ацо Кабранов, кој по 10 години се враќа на телевизиските екрани со сопствена авторска емисија “Уреднички брифинг“.
Во рамки на “1ТВ“ ќе бидат продуцирани и пласирани програмски содржини според принципот на квалитет, држејќи се до основниот концепт на програма со информативно - забавен карактер. Во фокусот на новата национална телевизија ќе биде продуцирање телевизиски продукти, изворно создадени на македонски јазик, поддржувајќи ги и поттикнувајќи ги вокално-инструменталната музика, документарните и играните содржини.
Во рамки на програмата на “1ТВ“ гледачите ќе може да следат и специјализирани емисии за судство, економија, шоу биз, спорт, сите во сопствена продукција на телевизијата, како и квалитетни домашни и странски филмови. Централна информативна емисија е “Студио 1“, која ќе се емитува секој работен ден од 17 до 19 часот.