Да се намали стапката на невработеност зашто се уште е висока, над 20 отсто, да се зголеми учеството на жените на пазарот на труд, да се зголемат инвестициите, и јавните и приватните, посебно да се поттикнат приватните вложувања, и да се зголеми продуктивноста која последните десет години беше дури и негативна, е пораката на меѓународните експерти за поголем раст на македонската економија.

Според нив, неопходно е да се продолжи со подобрување на бизнис климата и со јакнење на правниот систем, а институциите треба да бидат силни за да ги спроведат реформите и да овозможат транспаренто трошење на јавните пари.

- Политичките приоритети треба да се фокусираат на продуктивноста, на ефикасноста на администрацијата и на борбата против сивата економија за да се зголемат приходите во јавниот сектор и да се постигне долгорочен раст, рече резидентниот претставник на ММФ во Македонија Себастијан Соса на форумот „Македонската економија меѓу визија и дилема“.

Според директорот на Светска банка за Македонија и Косово, Европа и централна Азија, Марко Мантованели, растот треба да се забрза за да достигне над пет проценти. Во спротивно, ќе се изгуби многу време.

- Неопходни се ефективни, силни институции, како приоритет, во цел Западен Балкан. Овој дел од светот не смее да си дозволи бесцелно трошење на јавните средства. Ефективните одлуки за трошење на јавните средства се клучни, а за ова е потребни силни институции, владеење на правото и еднакви услови за сите, потенцира Мантованели.

Многу е важно, дополни, да им се даде простор и на младите, тие да дојдат до работни места. Во оваа смисла треба да се земат предвид поплаките за немањето соодветен кадар, со вештини потребни за пазарот на труд.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека без образование и инвестирање во нови технологии нема продуктвност. Како акутно, краткорочно решение предложи во секоја општина да се оценат потребите на стопанството и човечките потенцијали, а државата да направи преквалификација, додека за долгорочен резултат ќе мора да се направи промена на образовниот систем.

- Не може да се зголеми продуктивноста ако правите фабрика со стара технологија. Затоа Владата одлучи да им дава помош на оние компании кои инвестираат во хали и машини, истакна Анѓушев.

Форумот „Македонската економија меѓу визија и дилема“ го организира Finance Think, а на почетокот обраќање имаше британскиот амбасадор Чарлс Гарет. Тој порача дека јавните финансии се клуч за здрава демократија. Граѓаните мора да знаат како и за што се трошат нивните пари, а тоа е многу важно и за бизнисот кој врз основа на конкретни, точни податоци одлучува за своите инвестиции. Јавните финансии, истакна Гарет, мора да бидат лесно достапни и лесно разбирливи.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2018 16:25