Започнува сериозен инвестициски циклус за подобрување на целокупната патна инфраструктура во Република Македонија.

Обезбедени се 270 милиони евра за изградба и реконструкција на 60 патни правци низ државата со вкупна должина од околу 800 километри.

Станува збор за долгорочни инфраструктурни проекти од значаен интерес како за економијата, така и за граѓаните и за идните генерации.

Според објавениот план од Владата, оваа година ќе биде завршена изградбата на автопатите Демир Капија - Смоквица и Миладиновци - Штип.

Со предвидената рехабилитација на автопатската делница Неготино – Демир Капија во двата правци, Македонија веќе годинава ќе добие комплетно реконструиран, брз и безбеден автопат на Коридорот 10.

Покрај тоа, започнува и изградба на три нови експресни патни правци: Штип - Радовиш, втората фаза од патниот правец Прилеп - Градско и патниот правец Ранковце - Крива Паланка, инвестиции во вредност од 100 милиони евра.

Ова се само дел од клучните предвидени проекти од овој инвестицискиот циклус за подобрување на патната инфраструктура во државата и поврзување на граѓаните.

Инфраструктурното поврзување меѓу градовите, селата и населените места низ цела Македонија и инфраструктурното поврзување со земјите од регионот и Европа претставува стратешки приоритет на СДСМ и Владата што ја предводи.

СДСМ и преку централната и преку локалните власти што ги предводи, продолжува посветено да работи на обезбедување на услови за сигурен, безбеден и брз транспорт за сите граѓани.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2018 11:36