Синдикатот и вработени во „Еурокомпозит“ денеска од 12 до 14 часот го блокираа патниот правец Прилеп-Градско, на излезот од градот пред Плетвар, барајќи смена на раководството на компанијата.
- Не ни се допаѓа што мора да излеземе на протести и на блокади, но немаме друг избор. Не бараме повисока плата, ниту услови за работа што ги немаме, туку само смена на раководство за кое постојат сомнежи за криминал. Иако беше најавувано последниве денови дека ќе се смени раководството, дури е одреден, велат нов директор, но од тоа нема ништо, изјави Цветан Бунтески, член на синдикатот на „Еурокомпозит“.
Тој додаде дека планирале блокадата да трае четири часа, но оти полицијата ги замолила да го скратат протестот поради колоните возила.
Вработените велат дека остануваат заедно со синдикалците кои добиле суспензија и оти протестите ќе продолжат и следните денови со подолга блокада на патниот правец.
Во претходните разговори со Владата постигнат е договор да добиваат по една плата месечно наредните шест месеци додека не се реши судбината на компанијата, но, вработените велат дека остана неисполнет условот за смена на раководството.