Франција не планира да преземе нова воена операција во северна Сирија, која би била надвор од акциите на меѓународната антиџихадистичка коалиција, соопшти денеска Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.

Соопштението на Елисејската палата претставува реакција на изјавата на претставникот на сириските Курди, Калед Еиса дека од францускиот претседател добиле ветување оти Франција ќе испрати свои војници во Манбиџ во северна Сирија, за да ја поддржат борбата против групата Исламска држава (ИД) и да го спречат напредувањето на турската армија кон градот, кој е под контрола на Силите за заштита на народот (ЈПГ).

Еиса беше дел од делегација на бунтовничката коалиција Сириски демократски сили (СДФ), во која најголема групација се Силите за заштита на народот на сириските Курди, што вчера се сретна со Макрон.

Како што соопшти претходно Елисејската палата, на средбата Макрон истакнал дека Франција ја поддржува стабилизацијата на северна Сирија и дека е подготвена да посредува меѓу Турција и СДФ.

Турските власти претпладнево ја одбија понудата на Макрон за посредништво. - Ги отфрламе сите напори чија цел е воспоставување дијалог, контакти или посредништво меѓу Турција и терористичките групи, изјави портпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Ибрахим Калин.

Анкара ги смета Силите за заштита на народот за сириски огранок на Курдската работничка партија (ПКК), што се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.

Турција, која минатата недела го освои реонот на сирискиот град Африн по двомесечна офанзива против Силите за заштита на народот, повеќепати се закани дека своите операции ќе ги прошири кон исток до сирискиот регион Манбиџ, каде се стационирани и американски трупи.

Турскиот Совет за национална безбедност по вчерашниот состанок соопшти дека Турција ќе преземе акција, доколку „екстремистите“ веднаш не се повлечат од Манбиџ и областа источно од реката Еуфрат.

Ширењето на турската воена офанзива на многу поголема територија која е под контрола на Курдите на исток, би довело до ризик од конфронтација меѓу Турција и САД, кои се во спор околу американската политика во Сирија



Автор: Администратор
Објавено на: 30/03/2018 12:36