Наместо вообичаените професии како економист, правник, доктор, професор или новинар постојат и навидум чудни, но интересни професии од кои се заработува. Така, има дегустатори на сладолед кои треба да имаат развиено сетило за вкус и кои секојдневно треба да пробуваат различни вкусови на сладолед или пак чоколаден инженер, кој наместо да работи со класични градежни машини, има задача да дизајнира чоколадни вкусови.

Кај нас ваквите професии се уште се нешто ново и непознато, но неодамна излезе оглас за вработување на шест спијачи во салоните на Дормео за што ќе добијат плата од 100 евра. Спијачите ќе имаат осум часа работно време, но нивната работа ќе биде само да спијат во продажните салони на Дормео. Работно ќе бидат ангажирани во периодот од 26 март до 6 април.

- Ова е наша стара идеја. Работното место Дормео спијач беше достапно и во 2012 година. Тогаш избраните спијачи спиеја на нашиот штанд на Саемот за мебел, а тогаш вкупно 620 кандидати се пријавија за работата од соништата, велат од „Студио модерна“ која го објави огласот.

Големиот број пристигнати апликации за годинашниот оглас потврдува дека македонските граѓани се повеќе се интересираат за вакви интересни професии од кои лесно се заработува. Од „Студио модерна“ истакнуваат дека немале нималку лесна работа бидејќи од вкупно 3.200 кандидати требало да изберат само шест.

- Огласот заврши и првиот спијач веќе беше на функција во нашата продавница во Градскиот трговски центар. Овој пат имавме уште повеќе заинтересирани за работата од соништата. Се пријавија 3.200 кандидати. Нашата задача за да избереме само шест беше навистина тешка, нагласуваат од „Студио модерна“.

Шесте избрани кандидати се навистина спијачи со рекорд во спиење од 13 до 20 часа. Се работи за млади луѓе од Скопје, Охрид, Струга и Битола. Најчудни места на кои спиеле се парк, читална, планина, автобус и работно место.

Во светот постојат и професии како тестер за дезодоранси кој треба да им ги мириса пазувите на корисниците за да види како делува дезодорансот, ловец на бисери кој треба да нурка и да ги бара ваквите драгоцености во океаните или келнер на вино чија задача е да го послужи соодветното вино со соодветното јадење.

Во Јапонија на пример има професии како што се дегустарот на храна за кучиња, одгледувач на инсекти, експерт за лоша миризба или гостин на свадба кој се изнајмува во случај кога е мал бројот на поканети гости и за тоа добива соодветен паричен надоместок.

Овие професии, иако делуваат како лесни за заработка, сепак со себе носат и низа опасности, па така на пример ловецот на голф топчиња кој има задача во малите околни езера до голф терените да наоѓа и собира голф топчиња, сепак постои опасност да добие разни инфекции затоа што водите во кои влегува најчесто се нечисти.

Билјана Анастасова - Костиќ



Автор: Администратор
Објавено на: 31/03/2018 23:00