Портпаролот на израелската армија денеска изјави дека доколку се прошири насилството долж границата со Појасот Газа, Израел ќе ја прошири воената акција против милитантите.

Бригадниот генерал Ронен Манелис изјави дека армијата до сега го имаше ограничено својот одговор врз оние кои се обидуваат да го кршат граничниот режим, но доколку продолжат нападите, мета на израелската војска „ќе бидат и позициите на милитантите на други места“.

Тој додаде дека сите убиени Палестинци учествувале во насилствата.

Илјадници Палестинци вчера го почнаа шестнеделен протест под шатори долж границата со Израел со барање да им се дозволи на палестинските бегалци да се вратат во Израел. Тие поставија десетици шатори на пет локации долж границата. Организатор на протестите е Хамас.

Според израелската армија Палестинците ги нападнале припадниците на израелската армија, распоредени долж границата, со запалени гуми и камења, а израелските војници возвратија со солзавец и огнено оружје.

Лидерот на военото крило на Хамас во Појасот Газа, Јахија Синвар изјави дека Израел треба да го почитува барањето на десетици илјади Палестинци, кои демонстрираат за правото на враќање во своите домови во Израел, кои ги напуштија по создавањето на еврејската држава во 1948 година.

Претходно, генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш побара независна истрага за смртоносниот судир на границата на Појасот Газа помеѓу Палестинците и израелската армија, при што загинаа најмалку 17 луѓе, а 1.400 се повредени.

Членовите на Советот за безбедност апелираа на воздржаност од двете страни.

Но, СБ на ОН не постигнаа договор за некаква акција, ниту е издадена заедничка порака од синоќешниот вонреден состанок, одржан на иницијатива на Кувајт.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/03/2018 23:17