Процесот на денационализација на имотот во Македонија заврши во 2012 година. Беа решени над 30 илјади предмети во кој е вратен имотот или исплатени се обврзници. Но, и по завршување на овој процес во постапка се заглавени предмети за враќање на имотот, главно стока и земјиште. Според податоците на здружението „Мандра“ од 2014, се уште, не се решени над 7.000 предмети, кои, според нив, се заглавени во лавиринт меѓу првостепена и второстепена комисија.
- Во 2012 година тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески прогласи дека Република Македонија го заокружи процесот на денационализација, а веќе во 2014 година Јавното правобранителство објавува дека работи на 7.334 случаи за денационализација. Такви парадокси, такви нелогичности во една правна држава се незамисливи. Законот за денационализација е дел од функционирањето на правната држава во Република Македонија и дел од демократските процеси во земјата, вели Љубица Георгиева, претседател на Здружението на жени „Мандра“.
Според неа проблемот со денационализацијата во Република Македонија е проблем на владите во РМ, не е проблем во Законот за денационализацијата.
- Во Министерството за финансии се направи една успешна шема, еден лавиринт меѓу двете комисии кои постојано ги препраќаат на повторно разгледување предметите. На повторно разгледување се препраќаат веќе 15 години. Отидоа луѓето и на Управен суд со предметите. И од таму донесоа позитивно решение за повторно разгледување. И повторно ги праќаат во лавиринтот на двете комисии, истакнува Георгиева.
Имотот за кој се водат постапки за денационализација е главно сточен фонд и делови од планини лоцирани најголемиот дел во источниот дел од Македонија, на Калин Камен, на Осоговските планини, Пониква и на Криволак.
Кираца Кузмановска е една од оние кои имаат предмет за денационализација што, се уште, не е решен. Вели дека имотот на нејзините предци бил одземен во 1945, а стоката во 1948 година. Одземени им се земјоделско земиште, пасишта, шуми...Имотот е на 15 километри од Штиш, но имаат земјиште и на полигонот Криволак.
- Првната битка почна од септември 2000 година, кога законот за денационализација стапи во сила. Добиваме на суд, но целиот проблем беше во Министерството за финансии. Секогаш кога ќе дојдевме до второстепена комисија нашите барања се одбиваа со образложение дека нема трага за одземање. Со самото тоа што имотот е земен со сила и не им е даден акт за одземање во постапката се користат посебни докази, а тоа се тапиите, посочува Кузмановска.
Таа потенцира дека како причини за нерешавање на предметите се наведуваат дека тапиите се со стар датум, потоа дека земјиштето е од интерес на државата и слично.
За да се решат овие предмети се бара решение во Министерството за финансии, од каде велат дека првостепените комисии за денационализација се состануваат редовно и работат на решавање на предметите, согласно законските прописи.
Показател за тоа, посочуваат оттаму, се и емисиите на обврзници за денационализација, што се издаваат секоја година. Досега се издадени 16 емисии во вкупна вредност од 353,5 милиони евра. Во декември 2017 година беше издадена 16-та емисија на обврзници за денационализација во вредност од осум милиони евра, а годинава најавуваат дека ќе се издаде и 17-та емисија на обврзници.
Како што беше објавено, Министерството за финансии го реши последниот предмет за денационализација во првостепена постапка во март 2012 година. Вкупно беа решени 30.744 предмети, со кои беа вратени имоти или обесштетени 500 илјади граѓани.
Во перидот меѓу 2007 и 2012 година се решени 15.000 предмети, а во последните години се решиле најсложените, најголемите и најобемните предмети на кои требало стручност и време за да се обезбеди соодветна документација.
Според изнесените податоци, во времето кога се објави дека процесот е завршен дури 3.000 решенија биле во жалбена постапка или постапка пред Управниот суд, односно дека се во второстепена постапка кои како ќе се изјаснува судот ќе бидат враќани кај комисиите.
Законот за денационализација почна да се спроведува во мај 2000 година. Заклучно со мај 2005 година во управна постапка беа поднесени вкупно 22.809 барања, поради интересот од граѓаните во 2007 година Владата одлучи да даде и дополнителен рок за поднесување барања. Во декекмври 2007 до кога и беше продолжен рокот беа доставени уште 7.935 нови барања.
Сузи Котева Стоименова