Ниту една прес конференција, ниту пак извинување нема да ја оправда грешката, која ја направија Агенцијата за млади и спорт и Дарко Каевски како директор и уредник на збирката творби.

Дарко Каевски денес самиот се фати во лага, каде што рече дека се објавени 44 творби во збирката и дека претседателот на комисијата за издавање не знаел дека треба да се селектираат творбите.

На 28 декември 2017 година, директорот на АМС Дарко Каевски организираше поетско читање на стихотворбите и ги додели наградите на 3-те автори, при што на официјалниот фејсбук профил на агенцијата објавија дека се пристигнати творби од 48 автори, што значи дека во текот на издавањето биле отфрлени 4 творби и била извршена селекција.

Прашуваме:

Зошто не биле отфрлени овие 2 творби кои се вулгарни и недолични?

Зошто уредникот на збирката Дарко Каевски не ја прегледал збирката пред издавање?

Замислете уредникот на Њу Јорк Тајмс или Билд да не ја препровери содржината пред да биде издадена.

Срамно е и недолично за ова што се случува со Агенцијата за млади и спорт. Дарко Каевски нема отпочнато и реализирано ниту еден единствен капитален проект, а и овој проект што го продолжи во континуитет од претходните директори од ВМРО-ДПМНЕ, го упропасти.

Агенцијата за млади и спорт од некогаш најдобра институција која работеше во прилог на младите, стана потсмев за целата јавност за само 10 месеци.

Последниот период засилени се меѓународните движења за родовата рамноправност и правата на жената. И македонското општество активно се вклучи во кампањите – Me Too, No More, Enough и кампањите за еднакви примања на мажите и жените. Од друга страна, АМС со народни пари преку збирката „Млади поети“ брутално гази по сите овие кампањи, навредува, омаловажува и шири говор на омраза.

Овој тип на несериозно однесување од страна на АМС не ги навредува само жените! Ги навредува и одличните млади македонски поети и поетеси, креативните индивидуалци и лингвистите.

Одговорност мора да има. Извинувањето и формирањето комисии за обелоденување на скандалот нема да ја врати довербата на младите во Агенцијата за млади и спорт како институција.

Дарко Каевски да ја надомести финансиски предизвиканата штета на граѓаните, и веднаш да си даде оставка и да се повлече од местото директор на Агенцијата за млади и спорт, бидејќи и онака нема реализирано ниту еден единствен капитален проект, туку го урива кредибилитетот на институцијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2018 23:09