Македонија е во фаза на економски раст. Оваа година очекуваме понатамошно интензивирање на економскиот раст. Од политичката стабилност и од политиките за враќањето на довербата кај инвеститорите се очекува раст на приватните инвестиции, истакна премиерот Зоран Заев денеска во своето обраќање на Првата годишна конференција на Министерството за финансии „2 Април - Ден на Буџетот“.
- Растот на платите и вработеноста во приватниот сектор, поддржан од владините мерки, придружени со очекувањата за ниска и стабилна инфлација во земјата, ќе придонесат кон зголемување на приватната потрошувачка, рече премиерот.
Понатаму, додаде тој, континуираниот солиден извоз од новите производствени капацитети, како и опоравувањето на традиционалните извозни сектори како резултат на зајакнатата економска активност на земјите трговски партнери, ќе придонесат за зголемување на извозот на Македонија и поголемо искористување на индустриските капацитети.
- Согласно ваквите очекувања за движењето на домашната побарувачка наредната година, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, очекуваме дека проекцијата за реалниот раст на БДП во 2018 година ќе достигне 3,2 отсто што е во согласност со повеќето проекции на релевантните меѓународни и домашни институции, потенцира премиерот.
Најави дека конечно решение за тоа дали ќе се воведе прогресивен данок би можело да има следната недела и иако станува збор за не многу голем број лица со приходи над илјада евра, сумата што се собира е сериозна и средствата можат да се пренасочат за други потреби.
- Ќе се стремиме и понатаму буџетот да обезбедува услови за реално раздвижување на економијата, преку повисоки капитални инвестиции, и сериозна државна поддршка преку нови инвестиции и раст на извозот, рече Заев.
Активностите на Владата во буџетските политики, според премиерот, се создавање услови за нови работни места и повисоки плати, инвестирање во образованието, здравството, помош за сите граѓани на кои тоа им е потребно, доближување на стандардите на граѓаните до оние на ЕУ и НАТо, кратење на непродуктивни трошења...
- Економската активност од кога дојде оваа Влада на власт забележа позитивни стапки, позивитивни трендови имаме на почетокот на оваа година висок раст на индустриското производство. Конкретен резултат на овие трендови е надминувањето на прагот од 24.000 денари на просечната плата, делумно тоа е благодарение и на покачувањето на минималната плата што оваа Влада го спроведе, рече Заев.
Нашата определба е да се грижиме за сите граѓани и врз тие принципи го креираме и го спроведуваме буџетот.
Премиерот истакна дека останува на заложбите за отчетност и транспаретност, која е фундаментална кога станува збор за одговорноста на Владата пред граѓаните.
- Прашањата на граѓаните се легитимни и треба да очекуваме да ни бидат поставени, рече премиерот додавајќи дека оваа Влада останува на ставот парите да се враќаат кон граѓаните и кон стопанството откако претходно ќе бидат вбризгани во проекти за македонската економија и за подобар живот и за здравјето на граѓаните.
Регионалната директорка за земјите од Западен Балкан на Светската банка Линда Ван Гелдер истакна дека во моментов со македонската Влада се разговара за можните приоритети што таа ги има во областите за делотворното управување со финансии, но и со економскиот развој во поширока смисла.
Министерот за финансии Драган Тевдовски потенцираше дека во однос на буџетските потреби Македонија не треба да мисли на краток рок - од година за година. Затоа оваа конференција Министерството ја посветува на прашања чие што решение зависи од долгорочната стабилност и иднина на Македонија.
- Дали Македонија треба да биде земјата со најниски буџетски прихопди во однос на БДП во Европа? Или пак треба да се превземаат мерки кои ќе ја подобруваат приходната страна на Буџетот? Дали воведувањето на праведно оданочување во Македонија би претставувало проблем, ако се знае дека САД и земјите од ЕУ имаат прогресивно оданочување кај персоналниот данок, додека само поранешните социјалистички земји од Европа имаа воведено рамен данок, додека само поранешните социјалистички земји од Европа имаа воведено рамен данок. А, дури и тие со подобрувањето на институциите почнаа рамниот данок да го заменуваат со прогресивен, рече Тевдовски. Како пример посочи на Албанија, која во 2014 година воведе прогресивен данок со две стапки 13 отсто и 23 отсто.
Дали е потребно да се продолжи со популистичките политики од минатото или со треба да се преземаат мерки кои ќе се водат грижа за луѓето кои денес работат да имаат фер пензии во иднина, праша министерот. И дали, продолжи тој, решение за напластените долгови од минатото е остро кастрење на расходите, или Македонија треба да води политика на управување со јавниот долг која ќе има за цел трошокот на задолжувањето да биде понизок од економскиот раст. Кои се, додаде Тевдовски, клучните инфраструктурни проекти што Македонија треба да ги гради во иднина.
За некои од овие прашања, како што кажа, потребен е државен консензус.
Министерството за финансии, рече Тевдовски, има Стратегија за реформи во системот за јавни финансии која го опфаќа периодот од 2018 до 2021 година ги содржи сите значајни елелменти на системот, почнувајќи нод фискалната транспаретност, преку воведување на среднорочно буџетирање и измени во системот на јавноте набавки, па се до подобрувања во функционирањето на јавната внатрешна финансиска контрола, УЈП и Царината.
- Нејзина цел е среднорочно подобрување на системот на јавните финансии во насока на ЕУ стандардите, рече министерот за финансии.
Претседателот на Парламентот Талат Џафери, на првата конференција во рамки на Денот на Буџетот рече дека нема да дозволи во Собранието да се случат настани како оној од 24 декември 2012 година кој беше директно поврзан со донесувањето на буџетот, ниту пак како насилствата што се случија на 27 април.
- Верувам дека сите ние извлековме поуки од овие настани, односно ја научивме историската лекција дека со насилство не се гради ниту демократија, ниту функционални институции, рече Џафери.
Зборувајќи за улогата на Собранието при донесувањето на буџетот, истакна дека од нормативен аспект Македонија и не е толку лоша и оти постојат механизми за контрола на трошењето на парите.
- Меѓутоа, останува отворено прашањето, колку како Собрание ги користиме на ефикасен начин овие деловнички и законски можности за контрола, како врз прибирањето, така и врз трошењето на парите на граѓаните. Ако сакаме да бидеме критични и објективни, тогаш мораме да признаеме дека ние заостануваме од она што е вообичаена пракса во развиените демократски држави, рече Џафери.
Според него, и кај парламентарното мнозинство и кај опозицијата, има позитивни промени во разбирањето и практикувањето на улогата на Собранието при донесувањето на буџетот, но исто така и во однос на надзорната улога врз трошењето на народните пари.
- Односно, парламентарното мнозинство не сака да биде само гласачка машина, туку сака аргументирано да расправа за буџетот, независно ви-за-ви извршната власт. Таков, самостоен, критичен, но и одговорен пристап, очекувам и од опозицијат, рече Џафери.
На првата конференција за Ден на Буџетот, која се одржува 26 години по донесувањето на првиот Буџет во независна Македонија, присуствуваа и поранешни министри за финасии, професори од економски факултети, бизнисмени и други.