На факултетите за електротехника и информациски технологии, за информатички науки и компјутерско инженерство и на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, од денеска до 5 април се одржува петтиот саем за вработување и пракса „Контакт“, на кој ќе се претстават 22 реномирани компании од областа на електротехниката, електрониката, машинството и информатичките науки.
- Интересот на компаниите за стручните лица од овие области е постојано во подем. На саемот, компаниите ќе можат да ги пронајдат личностите кои ја поседуваат желбата за стручно надградување и целат кон градење успешна кариера, вели Виктор Георгиевски, главен организатор од Студентскиот парламент при ФЕИТ.
Тој ги охрабрува сите заинтересирани студенти да ги посетат компаниите и, како што посочува, да станат дел од големиот број успешни приказни кои произлегле од овој саем.
На овој начин велат студентите ќе се овозможи директна комуникација на студентите со компаниите и со работодавците, како и можности за професионално надградување и вработување. Годинава, на саемот „Контакт“ ќе се претстават компаниите KOSTAL, Draxlmaier, Marquardt, Asseco, Apave, Amphenol, Aptiv, EVN, LTH Learnica, GOBIVA, Netcetera, Intertec, ATS Global, doXteam, Closer, iBorn, MCA, Newman's Business Accelerator, Pop Leads, Systems for Enterprise, StepUp.
Саемот „КОНТАКТ“ е поддржан од ФЕИТ, ФИНКИ и МФС, од Центарот за менаџмент консалтинг, образование и наука Мотива и од Македонија 2025.