Владата ја одобри одлуката за определување на периодот на закуп на градежно земјиште во ТИРЗ Скопје 1 и за висината на закупнината, со Нацрт – договор за долготраен закуп за компанијата „Баумер ДООЕЛ Скопје“, чија матична компанија е „Баумер Холдинг АГ“ од Швајцарија.
Ова е 10-та поддршка за странска инвестиција според новата програма за поддршка на економскиот план на македонската Влада.
На владината седница, која се уште трае, досега е усвоен и Полугодишниот извештај за износот и бројот на одобрени кредити од Посебниот кредитен фонд (ПКФ). Министерот за финансии е овластен заедно со Македонска банка за поддршка на развојот (МБПР) да потпише Анекс кон Договорот за администрирање на Посебен кредитен фонд склучен меѓу Владата на Република Македонија и МБПР.
- Со Анекс на Договорот склучен со МБПР ќе се намали каматната стапка за банките учеснички од три отсто фиксно годишно на два отсто фиксно годишно, ќе се намали каматната стапка за крајните корисници од до осум отсто годишно на до пет отсто годишно, ќе се зголеми максималниот рок на отплата на кредитите од осум на 10 години и ќе се овозможи пласирање на кредити со намена и само за обртни средства со рок на отплата до три години со вклучен грејс период до 6 месеци и со тоа ќе се обезбеди поголема поддршка на развојот од страна на Банката, велат од Владата.
Во рок од 15 дена задолжена е Македонската банка за поддршка на развојот да подготви Стратегија за зголемување на капацитетите за финансирање на македонски компании со поконкурентни цени и услуги, како и подобрување на условите за осигурување на извозот на македонски производи.