Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска во Охрид рече дека не очекува последните случувања во односите со Русија да имаат негативни последици за извозот на нашите земјоделски производи на рускиот пазар.

- Јас сум претседател на меѓувладината македонско-руската комисија и досега не сум информиран за какви било потенцијални санкции или други мерки преидизвикани од политички аспект, истакна Николовски.

Според него, спротивно на досегашните практики да се преземаат активности што придонеле за затворање на низа пазари за македонските производи, оваа владина гарнитура е фокусирана токму на отворање нови пазари.

- Ние работиме на засилување на целата трговска размена со сите земји, како од опкружувањето, така и пошироко. Министерството и јас лично сме фокусирани на обезбедување непречен пласман на нашите производи надвор. Тоа го прават и премиерот и целата Влада, во духот на сите процеси што се водат во Република Македонија. Не очекуваме санкции од ниту една страна, напротив, работиме на овозможување нов пласман и отворање нови договори за македонското производство надвор од земјата, рече Николовски.

За најавените протести на земјоделци од Овчеполието заради неисплатени субвениции, Николовски нагласи дека заврши времето на исплата на субвенции само пред избори и за злоупотреби во партиски цели.

- Со засилена динамика Платежната агенција годинава ги исплаќа субвенциите за земјоделците, тогаш кога им се потребни, а 90 отсто од субвенциите во тековната програма ќе бидат исплатени во законски предвидениот рок, рече министерот, нагласувајќи дека оваа е прва година субвенциите да се исплаќаат тогаш кога е календарски предвидено.

Министерот Николовски денеска во Охрид имаше работна средба со албанскиот министер за земјоделство и рурален развој Нико Пелеши.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2018 13:21