На денешниот Словенечко-македонски бизнис форум, што се одржа во рамки на официјалната посета на владината делегација од Словенија, предводена од премиерот Миро Церар, учествуваат и министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за економија и технологија на Република Словенија, Здравко Почивалшек.
На форумот министерот Бектеши истакна дека двете земји имаат континуирано успешна економска соработка, а Словенија континуирано е на листата на значајни инвеститори во Република Македонија. Според податоците од НБРМ, вкупниот кумулативен прилив на странски директни инвестиции од Република Словенија за периодот 1997 – 2016 година изнесува 374,5 милиони евра или околу 8,1 отсто од вкупниот прилив на СДИ во земјата за истиот период, кој изнесува четири милијарди и 657,3 милиони евра, поради што Република Словенија го зазема петто место меѓу земјите - најголеми инвеститори во Македонија.
Министерот Бектеши пред бизнисмените од Словенија ги презентираше условите и поволностите што ги нуди Македонија за сите заинтересирани компании за инвестирање, како Законот за поддршка на инвестиции и План за економски раст, кои нудат цела лепеза од можности за финансиска поддршка на инвестициите, а како полиња за засилена соработка беше споменат бањскиот туризам, иновациите и технолошкиот развој, како и инвестирањето во обновливите извори за енергија, преку воведувањето на премиум тарифите.
- Владата на РМ дава поддршка за нови вработувања, за воспоставување и унапредување на соработката со добавувачи од РМ, за технолошки развој и истражување, за инвестициски проекти од значаен економски интерес, за зголемување на конкурентноста на пазарот, за освојување на пазари и пораст на продажба. На располагање ви се и технолошките и индустриските зони кои нудат бројни даночни и царински или надвор од нив, изјави Бектеши.
Министерот за економија и технологија на Република Словенија, Здравко Почивалшек изјави дека Словенија и Македонија имаат многу добри економски односи, истакнувајќи дека Словенија со инвестиции е присутна подолг период во Македонија, а ги поздрави новите инвестиции од две македонски компании во Словенија.
Во соопштението на Министерството за економија наведуваат дека интересот на словенечките инвеститори за Македонија почнува од 1994 година, но позначајните приливи на инвестиции почнуваат по потпишување на меѓусебната Спогодба за поттикнување и заемна заштита на инвестиции, која стапи на сила во 1999 година и речиси со иста динамика продолжуваат и во последните неколку години. Најголем прилив на капитал е забележан во 2009 година и во 2010 година, а со надминувањето на политичката криза во земјава и цврстата определба на оваа Влада да биде дел од евроатланските текови очекуваме овој тренд да продолжи и да се зголемува од оваа година. Досега најатрактивни за словенечките бизнисмени биле банкарскиот, осигурителниот, услужниот сектор и недвижностите.