Народната банка на Република Македонија во моментов ја прави новата рунда проекции за растот за годинава и за наредната година, која ќе биде објавена на 3 мај. Гувернерот Димитар Богов вели дека се уште е рано да се кажат видувањата, но посочува дека од она што го имаат како цврсти индикатори од почетокот на годината може да се каже дека извозот оди многу подобро над очекувањата и оти тоа може да има значаен придонес врз економскиот раст годинава.

- Стапката на раст на извозот е многу висока и таа главно е водена од оние нови производствени капацитети во слободните економски зони, значи оние многу критикувани капацитети го водат извозот и со тоа веројатно ќе имаат значаен придонес врз економскиот раст годинава, изјави Богов.

Тој додаде дека се уште немаат информации и индикатори за тоа какви ќе бидат инвестициите кои, како што рече, минатата година беа слаби и од нив најмногу ќе зависи колку ќе биде растот оваа година, а какви ќе бидат инвестициите ќе зависи дали е вратена довербата во реалниот сектор.

Оцени дека се уште не гледа позначително враќање на довербата. - Има некој оптимизам кај банките во очекувањата дека ќе се подобри, но се уште немаме реални индикатори за враќање на довербата. Веројатно е рано од почетокот на годината, но наредните еден два месеца ќе имаме повеќе индикатори кои ќе можат да дадат појасна слика каде ќе се движиме, рече Богов.

Тој посочи дека банките го следат сигналот на Народната банка, дека трансмисијата функционира и тоа го покажуваат сите истражувања на НБРМ, но смета дека треба да се има предвид дека банките се водат од повеќе фактори.

- Едниот е сигналот од НБРМ, но водат сметка и за политичката состојба, општиот сентимент и побарувачката за кредити. Минатата година е интересно дека страдаше побарувачката поради немањето доверба и политичката нестабилност. Ќе видиме какви ќе бидат остварувањата и дали ќе се врати довербата и дали реалниот сектор повторно ќе инвестира. Ако инвестира тогаш ќе се зголеми и побарувачката за кредити, а банките имаат доволно потенцијал да го поддржат тој кредитен раст, рече гувернерот.

Оцени дека нема потреба од затегање на монетарната политика, туку напротив релаксирање.

- Нашата економија минатата година имаше нула стапка раст и тоа значи дека се уште нема потреба од затегање, напротив минатиот месец ние наприввме мало релакесирање бидејќи почувствуваме дека условите за монтерната политика се многу стабилни, девизините приливи се доста солидни и една од причините е и добриот извоз, така што се уште е рано да се зборува за некој циклус на затегање во Македонија. Гледаме дека и Европската централна банка се уште не започнала со таков циклус, истакна Богов.

Потенцира дека условите за монетарната политика од почетокот на годината се такви што има многу добри движења на девизниот пазар, инфлацијата е се уште ниска и во такви услови има можност монетарната политика да направи некое поддржување на економските политики, што е и направено.

За тоа дали влезот на НАТО ќе има влијание врз економијата, рече дека дека политичката нестабилност е константа во Македонија и оти влезот во НАТО би го намалил тој политички ризик и во тој сегмент би креирало подобри услови, односно постабилни услови за економските субјекти.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2018 12:21