Почитувани,

Скандал во МЗШВ,

Земјоделието пропаѓа, а земјоделците на свој грб го чувствуваат животот што им го донесе неспособната и корумпирана влада на Заев.

Додека тие мака мачат со пласманот на своите производи, како и изнаоѓање на средства за реализација на пролетните земјоделски работи, раководството на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, потпомогнато од одредени тимови на СДСМ профилирани кадри, исклучиво се занимава со мобинг и прогон на вработените,а се со цел во оваа институција да инсталира свои послушници.

Имено за што се работи:

На 2-ри април (во понеделник), повикани се сите вработени од министерството и се принудени да пополнуваат прашалници со нивно полно име и презиме (иако вообичаено треба да се анонимни), а под изговор дека тоа се прашалници кои ќе послужат за функционална анализа во Министерството. Истите им се поделени на вработените и под директен надзор инсистирано е задолжително да се одговори на сите прашања кои во најмала рака можат да се карактеризираат како непристојни, а дел од нив се во директна спротивност со законот за заштита на лични податоци.

Пред да се состави овој прашалник не е побарано писмена согласност од вработените да се користат нивните лични податоци, иако според наведениот закон изготвувачот на овој прашалник бил должен да го направи тоа.

Особено се скандалозни следните прашања:

• Заокружи 4 или 5 од наведените вработени без кои може да функционира организационата единица?

• Заокружи 4 или 5 наведени вработени без кои не може да функционира организационата единица?

• Заокружи кои државни советници не му се потребни на МЗШВ?

Оваа се дел од прашањата кои ги содржеле прашалниците.

Во оваа постапка прекршен е и Законот за државни службеници, односно се овозможува пониските државни службеници да ги оценуваат претпоставените и тоа не анонимно.

После пополнувањето на прашалниците случајно или намерно истите се пробиени и се покажувани на одредени вработени се со цел да видат кој пишувал против нив. При тоа се нарушени меѓучовечките односи во институцијата што во иднина ќе има несогледиви последици врз работењето на министерството.

Јавно го прашуваме Министерот Љупчо Николовски дали е свесен дека ова е класичен пример на мобинг и дали преку оваа постапка сака да се справи со кадрите кои што тие ги смета како политички неподобни? Дали е свесен и за злоупотребата на службената должност и овластување со поставување на извесниот Трајчо Ангелов- лице вработено преку агенција за времени вработувања отстапено на МЗШВ како советник во кабинетот на министерот без статус на државен службеник, но со ова овластување од министерот да биде раководител на сектор за човечки ресурси? На истиот дадена му е можност да си поигрува со судбината на вработените и нивните семејства.

Ги прашуваме креаторите на целата постапка дали ваквиот тип на прашалници во кои е нарушено правото на приватност, вработените од една институција се принудени да се кодошат едни со други има законска основа и дали лице со статус на времено вработен има право да спроведува постапка за функционална анализа?

Според претходно кажаното законската регулатива не е испочитувана и е спротивна од законите кои ја регулираат оваа проблематика.

Затоа им порачуваме на сите инволвирани во оваа постапка:

Дека брзо ќе дојде денот кога надлежните институции задолжени за борба против злоупотреби и кршење на човековите права ќе се ослободат од партиските притисоци на СДСМ, па таму ќе се дознаат сите нарачатели и извршители на овој гнасен чин и ќе ги сносат последиците.

Истовремено ги повикуваме меѓународните организации кои се спомнуваат како финансиери на овој проект да ја преиспитаат својата постапка во која некој си поигрува и злоупотребува нивни пари во партиско-политички цели. Тие треба јавно да се оградат и да го прекинат овој чин на малтретирање на вработените.

Ги повикуваме и нашите надлежни институции: Дирекцијата за заштита на лични податоци, Јавното обвинителство и Јавното правобранителство, во целост да го испитаат овој случај и да преземат конкретни мерки против сторителите на овој чин.

За жал на земјоделците, СДСМ очигледно нема намера да се справува со нивните проблеми туку е повеќе заинтересиран да згрижува и фаворизира партиски послушници наместо професионалци.

Откако владата на СДСМ е на власт сточарите и земјоделците се соочуваат со низа проблеми. За тоа говори незадоволството на сточарите со ниските откупни цени на јагнешкото месо, исто така не можеме и да го изоставиме и проблемот на земјоделците кои веќе неколку дена излегуваат на протести низ градовите по Република Македонија за да го искажат својот револт, бидејќи нивните производи се вреднувани за многу ниски цени. А, на сите овие проблеми владата на СДСМ премолчува и нема абер да ги реши.

Земјоделците и сточарите во Република Македонија заслужуваат подобар третман од владата и државата. Република Македонија заслужува подобро. Граѓаните заслужуваат подобро.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2018 12:27