На свеченоста посветена на 27 години од основањето на Унијата на Млади Сили на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати лидерот на УМС, Лука Кржалоски.

За основањето на партиската младина вели дека тоа биле историски времиња кога се градела македонската државност и самостојност, а чиј значаен чинител била и ВМРО-Демократска партија за македонско национално единство.

-ВМРО-ДПМНЕ настанала како децениски стремеж за возобновување на историското ВМРО и независна држава Македонија. Таа се создава како резултат на идејната и политичка дејност на низа патриоти од Македонија и емиграцијата, а пред се на идеологот на нашата партија, Драган Богдановски. Нашата партија во почетокот на деведесетите била исправена пред сериозен предизвик – да го мобилизира целокупниот прогресивен потенцијал од општеството за да донесе демократија и плурализам и да го урне едноумието. А за остварување на тие цели морала да ги афирмира вредностите за кои се залага особено помеѓу младите луѓе, рече тој.

Претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во тие историски мигови на државата и партијата, младите со целиот свој потенцијал се вградија во промените што значеа демократија, развој и просперитет.

-Во свечена атмосфера на ентузијазам и изблик на емоции на Конгресот во Прилеп била донесена одлука со конгресен акт за формирање на партиски подмладок односно Унијата на Млади Сили како континуитет на историската младинска организација која ги ширела идеалите за самостојна и независна Македонија. Честа за создавање на помладокот ја имал Драган Димишков кому конгресот му ја доверил оваа задача. Во оваа прилика сакам нему и на неговиот тим јавно да му заблагодарам за сето она што го направил во тоа време и покрај бројните опструкции кои ги имале и тешките услови во кои делувале. Но, младите луѓе веднаш ја препознале енергијата и целите на Унијата на Млади Сили и беспоштедно се вложувале во остварување на истите, рече тој.

Кржалоски порача дека партијата со подмладокот се градела како бедем, доживувала подеми и падови, но секогаш излегувала посилна за да денес прерасне во најголема и најмоќна младинска организација во Македонија рамноправна со останатите подмладоци во Европа.

-И денес сме исправени пред предизвици кои ни ги постави новата политичка реалност. Сведоци сме дека секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт се прави најмногу за младите во секој сегмент: образование, политики за зголемување на младинската вработеност, поттик на претприемништво и сето она што ја креира иднината на младите. Тоа го докажуваат фактите и бројките. Од друга страна, денес реалноста е сосема друга. Македонија веќе цела година се движи наназад и се урнисува сето она што беше создавано. Ние, младите, тоа го чувствуваме најмногу. Оваа власт пред наши очи ја разградува нашата држава и тоа длабоко не загрижува. Власта, се однесува целосно игнорантски за потребите на младите луѓе како да се граѓани од втор ред. Не се отвораат работни места за младите, не се подобрува студентскиот стандард, не се слуша нивниот глас за ниту едно прашање од државен интерес, рече претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Кржалоски вели дека се даваа лажни предизборни ветувања, се реализираат буџетски кратења, скандали во студентските домови и кадровски промашувања кои ги деградираат институциите.

-Тоа е суровата реалност во која живееме. Гледаме пад на сите морални вредности и нивно искривување и како такви под превезот на “модерното” се нудат на младите. Токму затоа, ВМРО-ДПМНЕ како и секогаш е подготвена да подаде рака кон младите луѓе, заедно со нив да креира политики за да им овозможи перспектива. Затоа што Република Македонија е нашиот дом. Унијата на Млади Сили повторно ја има обврската да биде авангарда и движечка сила како фактор на обединување на младите во државата за подобро утре. На огромно задоволство, во остварувањето на овие задачи како најголем поддржувач го имаме претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер, г-динот Христијан Мицкоски кој покажа дека младите се врвен приоритет за нашата партија за што искрено му благодарам. Претседателе, во вашето водство веруваме, порача тој.

Кржалоски како нов претседател на Унијата на Млади Сили најавува дека во наредниот период ќе допре до сите млади луѓе во Република Македонија, до секој член од месните и општински комитети на УМС.

– Да ги слушнеме нивните предлози, идеи, сугестии и да ги преточиме во конкретни мерки и активности кои заедно ќе ги реализираме. Време е за обединување и мобилизација затоа што младите мора да бидат фактор во промените кои доаѓаат! Младите ќе ги предводат тие промени! Унијата на Млади Сили докажала дека ги препознава вредните и мотивираните млади луѓе и остава широко отворена врата за секој оној кој сака да ја осигура својата иднина, во нашата татковина, Република Македонија! Свесен сум за обврската која ја имаме и за очекувањата кои ги имате од нас. И можам одовде да ви ветам дека ќе ги исполниме! За нас е свет заветот на основачите на ВМРО за кој имаме обврска да го чуваме. Ако веруваме во себе, ако веруваме во Македонија ќе верува и светот во нас и ќе покажеме дека големината на една земја е во нејзините млади луѓе! Само заедно со нашата нескротлива енергија ќе создаваме нови концепти кои потекнуваат од нашата десничарска идеологија, рече тој.

Кржалоски испрати порака: „Ние младите имаме став, сакаме промени, сакаме напредок“!



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2018 14:17