Премиерот Зоран Заев денеска во Штип изјави дека се почнати се разговорите меѓу Владата и претставниците на Организацијата на работодавачи, откако тие забележаа дека лани имало минимална искористеноста на субвенциите, кои се предвидени со Законот за минимална плата.
Заев истакна дека веќе разговарале за проблемите, кои ги имаат работодавците со УЈП и со Царината, во делот на вишокот на материјали кои остануваат на текстилните конфекции.
- Овие пари се наменети за поддршка на бизнис секторот заради воведување на минималната плата и сакаме да ги искористиме. Воочивме дека проблемот веќе не е во надокнадата на минималната плата, туку на отворената спирала на покачувањето на другите плати и тука, мораме да ги поддржиме бизнисмените. Целта е платите да растат во Македонија, но не и да ги затвориме фабриките, преку тоа и овде им треба директната поддршка, а ќе ја добијат преку технолошки развој, нови машини, а меѓудругото и во препокривање на дел од тие плати, кои што ја отворија таа спирала. Тоа што сега е 15.000 сега е 18.000 денари, вели Заев.
Прашан како ќе се регулираат долговите на општините во земјава, кои изнесуваат 120 милиони евра, Заев вели дека и покрај тоа што се стари долгови, сепак оваа Влада ќе го решава овој проблем. Во тек се разговори и преговори со банките и очекува кон крајот на април или на мај да се добијат кредити со поетини каматни стапки за општините.
- Државата да подигне средства, да ги даде на општините, а општините во еден од рок од 15 до 20 години ги враќаат токму преку ДДВ, како гаранција, која што го добива од државата. Овие пари ќе се пуштат во стопанството, но и ќе ги направи стабилни општините, вели Заев.
Што се однесува за проектот Карго аеродром, Заев вели дека не постои услови за негова изградба ниту во Штип, ниту во Струмица, а средствата кои беа планирани за изградба на Карго аеродромот во Штип ќе бидат и соодветно насочени кон оваа општина.