Велигден во селото Колешино за едни е најголем верски празник, а за други е обичен ден. Големиот христијански празник го празнуваат православните и верниците од Евангелско Методистичката црква, додека за Адвентистите и Јеховините сведоци овој ден е обичен.

Селото кое брои над илјада жители, отсекогаш е познато како место каде егизистираат неколку вери и цркви, а најбројни се православните. Нив ги има околу 150 домаќинства. За Велигден почнаа да се подготвуваат во четвртокот.

Свештникот на МПЦ-ОА во црквата „Свето вознесение Христово Спасовден“, Илија Сумрачки ги завршуваше посетите на христијанските семејства, осветувајќи ги домовите и света вода.

- За големиот празник Велигден се подготвуваме вообичаено. Постот полека поминува и по традиционалното бојадисување на јајцата во четврток, во сабота на полноќ сите сме во црквата. Вртиме три пати околу црквата и се кршиме со јајцата. Се поздравуваме со „Христос Воскресе-Навистина Воскресе“ и потоа продолжуваме по гости, вели свештеникот Илија.

За заедничкиот живот со припадниците на другите вери дека немаат никакви проблеми.

- Живееме како што сме живееле отсекогаш-сложно. Но, во последните неколку години не раскараа партиите. До пред неколку години не знаевме дека има и други верски заедници-сите бевме заедно, како што гробиштата ни се заеднички. И во црквите и на гробиштата е исто.Сите се почитуваме едни со други, си помогаме, но по партиска линија понекогаш се расправаме за ништо, додава свештеникот Илија Сумрачки.

Полека се упатуваме кон центарот на селото. Наидуваме на Евангелско-Методистичката црква. Околу неа се изведуваат градежни работи. Неколку повозрасни жители на Колешино не пречекуваат и ни посакуваат добредојде. Велат дека дошле во „инспекција“ да проверат до каде се стасани работите околу уредувањето на црковниот двор.

На нашето прашање како се живее во селото со четири вери и исто толку цркви, како од топ одговараат дека отсекогаш се живееле добро и заеднички делеле и арно и лошо, но најмногу се загрижени што во селото младите луѓе се бројат на прсти.

-Верите никому не му сметат, туку тие се корисни. Но, наш најголем проблем е што од пет куќи, четири се празни. А Велигден, и православните и протестантите (верници на Евангелско Методистичката црква) заедно го слават. Но, за разлика од порано, кога по завршување на црковните обреди во двете цркви одевме по гости и се посетувавме, сега тоа го има помалку. Никогаш не сме имале проблеми на религиозна основа, ни раскажува Митко Цеков.

На муабетот се надоврзува и мајсторот Стеван Атанасов.

-Верата е една, христијанска. Во нашето село ние како верници се разликуваме по некои многу мали верувања околу догмите и разбирање на некои детали од Библијата. Сега за Велигден селото малку ќе се наполни. Ќе дојдат печалбарите на неколку денови, но и тие што се иселени во други места во Македонија. Во нашата црква, Евангелско-Методистичката, имаме посебни служби за одбележување на Велигден и се разбира по завршувањето ќе одиме да ги посетиме пријателите, вели Стеван Атанасов.

Припадниците на Адвентистите и Јеховините сведоци го почитуваат Велигден, но не бојадисуваат јајца.

Адвентистите освен денот сабота, немаат друг празник.

-Се радуваме заедно со сите христијани кога се радуваат на Христовото Воскресение, но ние не ги одбележуваме овие денови како останатите, бидејќи не наоѓаме основа во Библијата, вели проповедникот Томе Божинов.

Според него нивната црква има околу дваесетина верници, но заедно со другите има соживот кој е пример за сите.

-Имаме голема толеранција едни со други. Пред неколку денови имав предавања во нашата црква и секој ден имаше претставници од другите верски заедници. Истото се случува и кога има некое предавање или концерт или друг настан на друго место и сите сме заедно. Пред две години за Божиќ нашиот хор учествуваше во прославата на Евангелско Методистичката црква, додава Божинов.

Тој изнесе и еден интересен детал дека во селото Колешино, како никаде на друго место, се чита Библијата и тоа од страна на сите верници и затоа тука на човекот не се гледа како припадник на одредена вера, туку на него се гледа со очите на љубовта и затоа е голем прагот на толеранцијата.

Посетата на Колешино полека ја завршуваме на селскиот плоштад. Полека почна да се слуша детски џагор. Учениците ги завршија часовите во претпладневната смена. Пред продавнцата за градежни материјали доаѓаат купувачи кои брзаат пред Велигден да ги завршат планираните работи во нивните домови. Наидуваме на Крсте Ѓоргиев. Го прашуваме како се живее во селото, но и дали има мешани бракови.

- Никогаш немало проблем од таква природа. Кај нас обично женската страна ја прифаќа вероисповедта на сопругот. Но, има случаи кога постарите членови на семејството се, да речеме, протестанти, а младите се православни или адвентисти. Тоа се случува и е сосема нормално, вели Крсте Ѓоргиев.

Во Колешино живеат и припадници на други помали верски заедници, како што се баптистите и пентакосните. Интересно е што на последниот попис четири домаќинства се изјасниле дека се атеисти.

На заминување од селото со најмногу вери во Македонија го понесуваме чувството дека овој питом крај под планината Беласица крие едноставен рецепт за соживот и разбирање. Тој содржи почит, толеранција и прифаќање на различностите. Токму затоа жителите на Колешино со векови се надалеку познати по нивниот уникатен начин на разбирање и заедничко живеење на животот.

Ристо Тасев



Автор: Администратор
Објавено на: 06/04/2018 14:38