Честитка по повод Воскресение Христово Велигден од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски
Почитувани граѓани,
Дозволете ми во мое лично име и во името на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни верници да им го честитам празникот Воскресение Христово Велигден, со искрени желби за здравје, благодет и среќни и успешни денови пред Вас.
Велигден е денот кога нашиот спасител Исус Христос ја победи смртта, со Воскресението тој ја воскресна надежта на човечкиот род.
Во деновите кога надежта повторно се раѓа, љубовта, радоста, трпението и милосрдието нека завладеат со срцата на сите граѓани. А надежта е повеќе и од потребна во овие мигови на тешки искушенија и предизвици, но и силна верба дека може и мора подобро и посилно.
Многу семејства денес живеат во неизвесност, сиромаштија и несигурност. Јас ја разбирам нивната мака. Ја гледам несигурноста во нивните очи и тоа мора да се смени. Реалната слика мора да се променува.
Ние не смееме да станеме држава каде поделбите се секојдневие. Треба да се напуштат политиките кои не втурнуваат во табори, не двојат, прават граници и подигаат вештачки ѕидови. Неуспехот на државата е колективен неуспех. Затоа граѓаните заслужуваат подобро. Државата заслужува подобро.
Иднината на државата и просперитетот на нацијата немаат алтернатива. Република Македонија мора да започне силно да оди напред. Република Македонија има капацитет, има знаење на кое мора да му се даде шанса, затоа што може поинаку и мора подобро.
Во овие празнични денови, пораката која ни ја праќа Христос спасителот наш подеднакво силно одекнува низ милениумите до денес, пренесувајќи ни го неговото учење за сплотеност, пожртвуваност, добрина и праведност кои треба да бидат белег и доблест во нашето дејствување. Обесправените мора да добијат правда, а добрината и делата да бидат вистинската вредност на делување.
Почитувани граѓани, Ви посакувам убави празнични денови, многу љубов и хармонија во вашите семејства, добро здравје и духовен мир во вашите домови, вам и на вашите ближни.
Нека е за многу години Велигден.
Христос воскресна!
Навистина воскресна!
Со почит,
Христијан Мицкоски,
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ