Реџеп Мемеди, член на Централното претседателство на Движењето Беса и пратеник во Собранието денеска на прес-конференција изјави дека деновиве очекува интензивирање на разговорите за нивен евентуален влез во Владата.

- Во однос на нашите контакти со премиерот Зоран Заев за евентуално вклучување на Движењето Беса во Владата, имаше неколку средби, но за поконкретни чекори очекуваме наредните денови да се интензивираат контактите и поконкретно да разговараме за оваа тема, рече Мемеди.

Движењето Беса, на прес-конференцијата по повод Светскиот ден на здравјето - 7 Април, ги повика Владата и здравствените институции да ги преземат потребните мерки за рехабилитација на здравствениот систем со цел граѓаните да го реализираат своето право на квалитетна и безбедна здравствена установа.

- Потешкотиите со кои се соочуваат граѓаните секој ден при користење на здравствени услуги и статистичките податоци за високата стапка на смртност на новороденчињата се показатели за алармантната состојба што владее во нашето здрвство, рече Мемеди.

Тој информира дека секој месец има недостиг на лекови за хронично болните, присуство на фалсификувани лекови, лоши инфраструктурни услови во болниците, долги чекања на пациентите, некогаш и со месеци за да дојдат до здравствена услуга. Со мали исклучоци, како што рече, здравството во Македонија продолжува да биде неквалитетно и неефективно.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/04/2018 14:04