Ако во Сирија „е премината црвената линија, ќе има соодветен одговор, изјави денеска портпаролот на француската влада, Бенжамен Гриво.

Тој додаде дека размената на информации меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот американски колега Доналд Трамп „априори потврдува дека било користено хемиско оружје“.

- Ако биде утврдено кој е одговорен, претседателот на Републиката веќе неколку пати напомна дека, ако е пречекорена црвената линија, ќе има соодветен одговор, изјави Гриво за радиото Европа-1.

Тој нафласи дека Макрон и Трамп им дале инструкции на своите тимови да продолжат со истрагата.

- Претседателот на Републиката повторно ќе разговара со претседателот Трамп во следните 48 часа, рече Гриво.

На прашањето дали ќе се одржи закажаната посета на Макрон на Русија кон крајот на мај, со оглед на развојот на сириската криза, Гриво изјави дека засега таа официјална посета не е доведена во прашање.

- Треба секогаш да се разговара, дури и кога има несогласувања. Тоа е принципот на мултилатералната политика. Не треба едни да бидат изолирани, а други - не. Но, треба да се признаваат и одговорностите и на едните и на другите, особено во тој регион, каде големите регионални сили имаат влијание - независно дали е тоа Турција, Иран или Русија, рече портпаролот на француската влада.

Претходно, Белата куќа ја обвини Русија дека не ја почитува обврската која ја презела, оти ќе стави крај на сириската програма за хемиско оружје, во контекст на нападот во Сирија во текот на викендот, за кој постои сомнеж дека е извршен со хемиско оружје.

Портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс изјави дека тој напад е во согласност со шемата за користење на хемиско оружје, која ја воспоставил претседателот на Сирија, Башар ал-Асад, како и дека Русија и Иран, исто така, сносат одговорност за материјална помош на владата во Дамаск.

- Сега е јасно оти Русија ги предаде обврските дека ќе го гарантира крајот на сириската програма за хемиско оружје на сирискиот режим, рече Сандерс.

Претседателот на САД, Доналд Трамп претходно синоќа јавно го осуди „нападот со хемиско оружје“ на сирискиот град Дума, нарекувајќи го „гнасен" и најави дека потенцијалниот одговор ќе го објави во следните 24 до 48 часа.

Руската армија во исто време соопшти дека не открила хемиски напад во Дума во која загинаа десетици луѓе. Министерството за одбрана на Русија соопшти дека лекари на руската армија ги испитувале пациентите во болница во Дума и дека не откриле симптоми на труење со хемиско оружје.

Дума е последниот град во областа Источна Гута, кој е под контрола на бунтовниците, а сириската војска во петокот започна жестоки напади, во кои загинаа десетици луѓе.

Сириската бунтовничка група Џаиш ал Ислам ги обвини во саботата владините сили дека фрлиле буре-бомба со отровни хемикалии врз цивили во Дума и оти затрѕле повеќе од 500 луѓе.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2018 08:10