Македонија да биде изземена од мерките на САД и ЕУ за ограничен увоз на челични производи бидејќи не претставува закана за нивните пазари, ниту може на каков било начин да ги загрози, бара Здружението на металургија при Стопанската комора.

Здружението денеска на прес-конференција апелира македонската економска дипломатија максимално да се заложи во овој правец и сериозно да укаже на последиците од овие мерки по развојот на македонското национално стопанство.

- Извозот на македонските челични производи 256.000 тони или само 0,87 отсто од вкупниот увоз во ЕУ. Притоа се реализира по нормални, а не по дампинг цени, истакна претседателот на Здружението на металургија Митко Кочовски.

Кочовски подвлече дека тие минорни 0,87 отсто за ЕУ значат многу за македонската економија. Со тој извоз практично челичната индустрија остварува 5,7 проценти во БДП.

Освен заштитата од увоз на одредени челични производи, дополнителен удар, потенцира Кочовски, е и мерката на ЕУ за ограничен извоз на старо железо.

Во македонската челична индустрија работат околу 3.000 лица, но покрај нив индиректно од мерките на САД и ЕУ ќе бидат погодени 15.000 ангажирани во поврзаните дејности. Како што рече Кочовски, годината почна многу добро, пазарот заживеа и цените беа добри, но сега индустријата е соочена со еден од најголемите предизвици досега кој може да биде фатален за македонската економија.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2018 09:57