Трошоците на живот во март биле на исто ниво како и во февруари, а цените на мало пониски за 0,1 процент, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во однос на март минатата година, трошоците на живот се зголемени за 1,6 проценти, а цените на мало за 2,9 проценти.

Иако трошоците на живот се на истото ниво како во февруари се забележува движење во подгрупите. Пораст е забележан кај свежото и разладеното овошје за 7,1 процент, кај житата за 1,6 проценти, замрзнатото овошје за 1,2 проценти, кај компирот, млекото, сирењето и урдата, другите пекарски производи и кај трбушките.

Пораст на трошоците на живот е забележан и кај телефонската и телефакс-опремата, кај предметите за лична хигиена и здравје, услугите за лична хигиена, средствата за чистење и одржување на станот, туристичките пакет-аранжмани, обувките, резервните делови и опремата за сопствен превоз, големите електрични апарати, услугите за култура, облеката.....

Намалување на трошоците на животот имало кај оризот, сувото овошје и јаткастите производи, другите прехранбени производи, месото, јајцата, рибата и морските плодови, јогуртот, сушеното, соленото и чаденото месо. Намалување е забележано и кај течните горива за домаќинствата, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти, болничките услуги, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства, книгите, гасот за домаќинства..



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2018 13:09