Владата на Заев руши рекорди – за само 10 месеци од формирањето ставена на тест за доверба. Во 16 точки на 9 страници, опозициската ВМРО-ДПМНЕ со сериозни забелешки бараат гласање на интерпелација на актуелната власт. За опозицијата ова е прва влада во македонската историја која за толку кратко време треба да одговори на обвинувањата за неработење, а и да даде објаснување на гласачите за не сработеното. Пратеникот Влатко Ѓорчев за Алфа вели дека во квалификацијата за најкриминална и најнеспособна Влада, се наоѓа и причината за брзата интерпелација.

Довербата на гласачите на СДСМ одамна е разнишана, бидејќи нивниот став е дека не гласале за ваквите политики, коментира Ѓорчев. Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, ако сите ги стават државните пред партиските интереси, тогаш до утре на полноќ со 61 глас ќе биде изгласана недоверба на Владата.

Единствените проекти на Владата на Заев е менување на министри, назначување на нови директори и кадровски промени во пониските ешалони, сметаат од опозициската партија. За да ја зачуваат коалицијата парламентарното мнозинство единствено го изгласа Законот за двојазичност, велат од ВМРО.

Инаку ставањето на интерпелацијата како прва и единствена точка на дневен ред беше и условот кој го постави ВМРО-ДПМНЕ, за враќањето на пратениците во собраниските клупи, откако пред неколку месеци беа приведени дел од пратениците на пратеничката група за настаните од ланскиот 27 април.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2018 23:35