Украина ќе го почитува решението на судот во однос на едностраното раскинување на договорот за Казандол, истакна денеска украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин кој е во дводневна посета на Македонија, прашан што ќе преземе Киев во однос на овој случај.
- Имајќи ја предвид Спогодбата за заемна заштита на инвестициите, ние ќе го почитуваме решението на судот, бидејќи секако го почитуваме владеењето на правото. За време на денешните разговори видовме дека има правна основа за решавање на ова прашање. Уверен сум дека ќе најдеме меѓусебно прифатливо и корисно решение за сите нас. Во дадениот случај имаме инвеститор што може да се обрати до судовите и да направи се, а ние ќе се придржуваме на одлуките на судовите. Сепак, инвестициските прашања не се само политичка сфера, не се само политички размер, туку тие навистина се владеење на правото и тоа е основа за решавање на оваа инвестициска пречка, рече Климкин.
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров истакна дека меѓу пријатели може да има и разлики, особено кога во тие односи се вклучени и приватни субјекти кои имаат свои интереси.
- Наше, како држави е да имаме правна рамка во која компаниите согласно својот интерес ќе одлучуваат што ќе направат, што нема да направат итн., но тоа во никој случај не може да влијае на мостот што е изграден меѓу двете држави политички и сега лично и што е многу цврст, истакна Димитров.
Македнската Владата неодамна одлучи да го раскине договорот со украинската компанија „Сардич“, концесионер на Казандол, со образложение дека не се исполнети условите за продолжување на концесијата за рудникот