Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев на премиерот Зоран Заев денеска при гласањето на доверба на Владата во Собранието му порача дека е предводник на најнеспособната и најнеработливата влада во историјата на Република Македонија.

Според него, Владата нема капацитет за водење на институциите.

-Наместо да се зафати со решавање на реалните проблеми и потреби на граѓаните на Република Македонија како што ветувавте во предизборието, вие работите исклучиво за остварување на своите партиски и лични интереси. И за одржување на, пред се, климавата коалиција. За да останате на власт сериозно ги подривте националните и државните интереси на мојата и вашата татковина, рече Данев од собраниската говорница.

Координаторот на пратеничката група потенцираше дека оваа, како што рече, недемократска, неспособна, најнеработлива и најкриминална влада треба да биде минато.

Тој побара од пратениците од парламентарното мнозинство кога ќе гласаат за доверба на владата да ги земат предвид интересите на граѓаните на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2018 11:29