Поповолни поместувања во економијата во првиот квартал гоиднава во однос на последното тримесечје лани, констатирал на последната седница Комитетот за монетарна политика на Народната банка на РМ.

- Тековно расположливите високофреквентни податоци за првото тримесечје од 2018 година даваат различни сигнали. Сепак, согласно со очекувањата, тие главно упатуваат на поповолни поместувања во економијата во првиот квартал, во споредба со претходното тримесечје, соопштуваат од НБРМ.

Каматната стапка на благајничките записи останува на истиот износ од три проценти, како и понудата на овие записи кои остануваат на нивото од 25.000 милиони денари.

Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2018 година од два процента се оценети како врамнотежени.

Констатирано е дека ликвидносниот потенцијал на банките умерено се зголемил за што најголем придонес имале интервенциите на Народната банка на девизниот пазар во противвредност од 15,5 милиони евра.

Во првиот квартал годинава банките оствариле нето-продажба на девизи во трансакциите со клиенти од 34,6 милиони евра, којашто е пониска за 90,6 милиони евра во однос на истиот период од 2017 година, во услови на трикратно повисок раст на понудата во споредба со зголемувањето на побарувачката за девизи. Поволните пазарни движења, велат од НБРМ, придонеле и за релативно висока девизна ликвидност на банките.

Во однос на монетарните движења, конечните податоци заклучно со февруари покажуваат закрепнување на депозитната база, по нејзиниот пад во јануари годинава. Растот на депозитите во овој месец, според НБРМ, во голема мера, е последица на повисокото штедење на домаќинствата, но раст забележале и корпоративните депозити.

- Мали позитивни поместувања на месечна основа во февруари се забележуваат и на кредитниот пазар, коишто во услови на натамошен пад на кредитите на претпријатијата, во целост, произлегуваат од зголеменото кредитирање на домаќинствата. Депозитните и кредитните текови во првите два месеца од 2018 година се малку послаби од очекуваните, но имајќи ги предвид подобрите остварувања на крајот на претходната година, нивото на депозити и кредити не отстапува значително од проекциите за првиот квартал, наведуваат од НБРМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2018 12:22