Сакам да се навратам на вашите ветувања од вашата програма, што ветивте во првите 6 месеци. Викате дека ќе обезбедите целосно бесплатно болнички лекување за сите осигуреници и за таа цел ќе ја укинете партиципацијата за болничко лекување. Тоа до ден денеска не е направено, изјави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Горан Манојлоски, при гласањето на доверба на Владата во Собранието.

– Ветивте дека ќе ја покачите основната плата на здравствените работници за 15% првите 6 месеци. Еве 8 месеци сте на власт и не ја покачивте ни 15%, а ни 5% не ја зголемивте платата на здравствените работници, колку што ние баравме со предлог закон, истакна Манојлоски.

Манојлоски ги потсети СДСМ дека во првите 6 месеци ветија нов закон за здравствените работници, одбивајќи го предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ, но за 8 месеци го нема законот. Тој додаде дека СДСМ иако ветија дека ќе го надградат системот „Мој термин“ не само што не надграден туку сведоци сме дека во многу наврати системот е паднат и дека лекарите воопшто не можат да закажат прегледи за пациентите.

– Министерот најави намалување на цените на лековите. Тука би сакал да напоменам дека на листата од јануари 2018 година имаше 503 лекови без доплата, додека во март 2018 има 456 лекови, што е намалување за 10% и истото е на штета на пациентите, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој напомена дека СДСМ иако ветуваше многу сепак не отпочна ниту еден инфраструктурен проект од областа на здравството, додаде дека единствено се работи на новата клиничка болница во Штип и реконструкцијата Свети Еразмо во Охрид кои се проекти на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ветивте дека ќе се инвестира во нова опрема за пациентите. Во време на ВМРО-ДПМНЕ се инвестираа 115 милиони за нова и најсовремена медицинска опрема во здравствениот систем. Во ваше време досега не е ништо набавено, потенцираше Манојлоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2018 14:03