Критики до власта за неисполнети ветувања од изборната програма и за влошувања на состојбата во економијата, упатија пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната интерпелација за Владата на премиерот Зоран Заев.
Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека на опозицијата и е суспендирано правото за поднесување амандмани истакнувајќи дека единствена работа за една година на новата власт е донесениот Закон за јазици.
Според Ѓорчев, Владата не испорачува никави резултати во економијата каде сите индикатори се влошуваат.
- Ќе пуштате пат што е готов пред една година, а абер немате за правење нови. Не е отворена ниту една фабрика, стагнираат платите и пензиите, наведе Ѓорчев, критикувајќи ја власта и за состојбата во кавадаречки ФЕНИ и тетовски Југохром.
Реплицирајќи, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, рече дека ФЕНИ работи со полна пареа од 1 март, сите работници одат на работа и земаат плата. Јавноста, потенцираше Анѓушев, треба и да знае како настана ФЕНИ, од каде не се поднесувале завршни сметки две години во времето на претходната власт.
- ФЕНИ некој го однесе во стечај, ама има чесни луѓе во оваа држава што ФЕНИ го спасија од стечај, рече Анѓушев, посочувајќи им на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека „толку не разбираат економија што во критики упатени до него всушност го фалат“.