Критики до власта за неисполнети ветувања од изборната програма и за влошувања на состојбата во економијата, упатија пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната интерпелација за Владата на премиерот Зоран Заев.
Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека на опозицијата и е суспендирано правото за поднесување амандмани истакнувајќи дека единствена работа за една година на новата власт е донесениот Закон за јазици.
Според Ѓорчев, Владата не испорачува никави резултати во економијата каде сите индикатори се влошуваат.
Поддршка на работењето на Владата даде пратеникот од НСДП, Горан Мисовски, кој оцени дека не е издржан ниту еден навод од интерпелацијата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Смета дека неможе да има издржана интерепелација на пратенците од ВМРО-ДПМНЕ без да се оградат од политиките на претходното раководство.
Како што наведе Мисовски, не се точни наводите на ВМРО-ДПМНЕ дека Владата не ги реализира изборните ветувања затоа што биле донесени законите за радиодифузна такса, за стечајни работници, за минимална плата, укинато е екстерно тестирање... Ги отфрли и обвинувањата за отпуштени 600 лица и потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ и неговите градоначалници оставиле долгови од над 400 милиони евра кои сега мора да се враќаат.