Царинската управа на 14-ти Април – Денот на Царината одбележува 26 години од своето постоење како самостоен државен орган.

По тој повод, денес (11.04.2018 година) во просториите на Музејот на современа уметност во Скопје, се одржа свечена церемонијана на која присуствуваа високи претставници на државата, Владата, министерствата, дипломатскиот кор, претставници на науката и бизнис заедницата, Колегиумот на Царинската управа и други соработници и пријатели на Царинската управа.

Настанот со свое обраќање го отвори министерот за финансии д-р Драган Тевдовски, кој истакна дека Министерството за финансии ќе продолжи во спроведувањето на реформите во овој сектор, како и во вложувањето и стручната поддршка на Царината, потенцирајќи дека само заедно можеме да одговориме на новите предизвици, како резултат на брзата глобализација на трговијата и финансиските системи, што наметнуваат нови очекувања за Владата на Република Македонија и пошироката заедница во борбата против нелегалните финансиски текови, организираниот криминал и даночната евазија.

На свеченоста посебно внимание се посвети на развојот на дигитализацијата на царинската служба, односно „Царината некогаш и денес“. Славејќи го царинскиот празник се потсетивме на почетоците на царинската служба. Неколку пензионирани царински службеници на сликовит начин го доловија почетокот на дигитализацијата, а потоа директорот на Царинската управа, г-дин Ѓоко Танасоски, се надоврза за новата ера на дигитална царина потенцирајќи дека истата значително го измени начинот на кој работи Царината. Како крајна цел таа треба да придонесе за подобрена можност за комуникација на Царинската управа, обработка при царинењето на стоките, прием и размена на информации, координирани гранични активности, соработка во областа на примените на законите.

Исто така, директорот посочи дека иницијативата дигитална царина има за цел да ги замени царинските постапки што се базираат на хартија со електронски постапки, на тој начин создавајќи поефикасна и модерна царинска околина во согласност со глобалниот развој. Воедно, се осврна и на постигнатите резултати во 2017 година, но и на она што ќе биде приоритет во наредниот период.

За крај, директорот Танасоски на царинските службеници им го честиташе празникот и им посака да бидат горди носители на промените кон подобар живот во Република Македонија.

Дел од царинскиот празник беше и темата „Херои на секојдневието“, на која неколку царински службеници презентираа со какви ситуации и случки се соочуваат во секојдневното работење.

По повод одбележувањето на 14-ти Април - Денот на Царинската управа, организиравме и неколку настани. Имено, во тек се три кампањи: „Стоп за фалсификуваните производи“, ,„Пријавете корупција“, ,„Не биди муле“, со цел подигнување на јавната свест на граѓаните во борбата против фалсификатите, корупцијата и штетните последици од трговијата со дрога.

Традиционално организиравме и крводарителска акција која овој пат под мотото „Вашата крв спасува живот“ е закажана за 13-ти април.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2018 17:53