Политичкиот прогон е секојдневно присутен. Имаше закон за амнестија, се ослободија многу луѓе. Тие луѓе кои беа во затвор беа криминалци пред се, шверцери со дрога, а богами и терористи. Тие луѓе се пуштија на слобода за да можат политичките противници да влезат таму, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсте Јовановски на денешната седница во Собранието за гласање на доверба на владата

– Дознавме дека за да бидеш терорист не треба да имаш пушки, бомби и патрони, туку треба да имаш телефон со андроид. Те слушаат што ќе кажеш и стануваш терорист. Тоа е дел од планот 3-6-9 да се замолчи опозицијата и никој нема право ништо да проговори, истакна Јовановски.

Тој ги потсети присутните во Собранието дека во еден изминат период новинари бараа смрт за некои политичари, но тоа помина и сега имаме ново време, имаме „слобода“ на медиуми, арно ама никој не смее ништо да проговори, затоа што ако се проговори ти следат пријава и тужба.

Јовановски се обрати и до Заев истакнувајќи дека иако против него се води процес на суд, тој се ставил на чело на реформите за правосудство.

– Има постручни луѓе кои во тој контекст ќе направат многу повеќе и ќе го доведат ова правосудство како што треба да има правда, нагласи Јовановски.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2018 17:57