Народната банка на Република Македонија, денеска и утре во Охрид ја организира седмата годишна истражувачка конференција, насловена „Речиси една деценија по кризата: На патот кон новиот глобален циклус и нормализирање на монетарната политика“.

Конференцијата денеска ќе ја отвори гувернерот на НБРМ Димитар Богов. Покрај Богов на конференцијата е најавено учество и на гувернерите на централните банки на Белгија Јан Сметс, на Хрватска Борис Вујичиќ, на Албанија Гент Сејко и на Косово Фехми Мехмети.

По отворањето на конференцијата во рамки на денешниот прв ден ќе следуваат презентација на истражувачки материјали од централните банки и академските институции. Ќе бидат презентирани истражувачки материјали на претставници на централните банки од Полска, Чешка, Индонезија, Австрија, Европската централна банка, како и на претставници од истакнати академски институции од Италија, Шведска и од Македонија. Дискусија за темите на истражувачките материјали ќе имаат претставниците на Лондонската школа за економија, Европската централна банка, Универзитетот од Орлеанс, Франција и од НБРМ. Во рамки на првиот работен ден ќе бидат разгледани повеќе теми, меѓу кои: реалната конвергенција на земјите од регионот, финансиската интеграција и двигателите на странските директни инвестиции, влијанието на нормализацијата на монетарната политика во развиените земји врз земјите од Централна и Источна Европа, отпорноста на кризи, банкарските ризици, капиталните барања за банките и пристапот до финансии во земјите од регионот. Во текот на првиот ден ќе биде доделена и Годишната награда за најдобар труд на млад истражувач од областа на макроекономијата и банкарството.

Утре вториот ден е посветен на панел-дискусии за политиките на претставниците на високо ниво. Ќе започне со воведно предавање на гувернерот на Централната банка на Белгија. Излагачи на првата панел-дискусија, предвидена за вториот ден на конференцијата, се гувернерите на централните банки од Македонија, Белгија, Хрватска, Албанија и Косово. Темата на панел-дискусијата на гувернерите е новиот глобален циклус и нормализирањето на монетарната политика. Во втората панел-дискусија ќе учествуваат регионалниот резидентен претставник на ММФ за Централна и Источна Европа, директорот на Здружениот институт од Виена, заменик-директорот на Секторот за економија и политики на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и вицегувернерот од Банката на Словенија. Темата на втората панел-дискусија ќе бидат капиталните текови – изгледите и ризиците на регионот.

На конференцијата учествуваат и претставници на повеќе централни банки од регионот, ЕУ и пошироко, како и од истакнати светски универзитети и меѓународни организации. Банките од Република Македонија и другите финансиски институции, како и државните институции, исто така ќе бидат присутни со свои претставници.

Оваа конференција претставува можност за размена на искуства со претставниците на пошироката меѓународна заедница за клучни прашања од областа на макроекономијата, монетарната политика и финансиската стабилност, како за претставниците на НБРМ, така и за домашните банки и другите финансиски институции.

Конференција традиционално се одржува во знак на одбележување на монетарното осамостојување на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2018 08:30