Поминува една недела откако јавно го прашав потпретседателот на Владата задолжен за евроинтеграции, Бујар Османи, дали е вистина дека има договор со министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, според кој намерно треба да се кочат реформите во Македонија и да не се спроведува целосно планот 3-6-9 со цел катастрофално ниското ниво на реформи во Албанија да не изгледа така катастрофа. Познато е дека секое следно проширување на ЕУ ќе биде во група во која секако ќе има повеќе држави. Една група се Србија и Црна Гора, втора се Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Првата група има сериозни изгледи зашто веќе преговара и во Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан имаат конкретен мотив, а тоа е да станат членки по 2025 година, додека за втората група нема таква јасна перспектива. Македонија е некаде на средина помеѓу овие две групи. Имено за Македонија е клучно да се реши проблемот со името за да се отстрани политичката пречка во форма на грчко вето. Потоа, се очекува Македонија да им се приклучи на Србија и Црна Гора, а имајќи го во предвид нивото на досега реализирани реформи како прва земја кандидат за членство во ЕУ од цел регион, како и потенцијалите на Македонија, се очекува и да ги претекне Србија и Црна Гора.
Но ова не им се допаѓа на стратезите од Тирана кои се обидуваат да реализираат невозможна мисија - од една страна да ја оттргнат Албанија од групата со Косово и Босна и Херцеговина, а од друга страна да не ги реализираат потребните реформи. Начинот што го пронашле овие стратези е да се формира нова група составена од Македонија и Албанија. Тирана е свесна дека Македонија е далеку понапред од Албанија, но сметале на два фактори - прво дека уште некое време ќе нема договор за прашањето за името и, второ, да се забават реформите во Македонија. За второво наишле на плодна почва - сите знаат дека основна одлика на оваа влада е неспособност, Владата е целосно неспособна да испорача суштински реформи во клучните области, пред сѐ во делот на поглавјата 23 и 24, а тоа е владеењето на правото и борбата против корупцијата. Вториот фактор е личниот аспект, имено Албанија наоѓа одличен партнер во ДУИ која би помогнал во реализацијата на оваа стратегија. Во двата клучни ресори има нивни кадри - секторот за евроинтеграции и Министерството за правда. И во двата се случува силна кочница на реформите. Ова е забележано од ЕУ и затоа оставката на досегашниот министер за правда не е заради образложението што го даде - а тоа е злоупотреба на една трагедија и изгубен млад живот, туку неговата целосна неспособност и немањето волја да испорача суштински реформи. Во делот, пак, на секторот за евроинтеграции - самото немање иницијатива ни желба да се испорача, немањето сериозен притисок врз институциите, како и немањето координација да се испорачаат суштински реформи нѐ носи до катастрофално ниско ниво на реализација на реформите напишани во т.н. план 3-6-9. Нивото на реализација според самата Влада од 42 отсто е најлошиот перформанс на Македонија некогаш виден.
Сето ова е договорено помеѓу Бујар Османи и министерот за надворешни работи на Албанија, Бушати, велат моите извори. Дали е тоа така, побарав одговор од Османи, кој еве една недела громогласно молчи. Таа громогласна тишина само покажува дека информацијата е вистинита! Ако на ова ја додадеме и координацијата помеѓу Османи и Бушати во Косово, покажува дека овој двоец функционира! И, тогаш поставив прашање на кое не добив одговор, тогаш го прашав Заев, а еве сега ќе го повторам прашањето - Бујар Османи е вицепремиер за евроинтеграции само на Албанците во Македонија или на сите граѓани? Дали, ако Косово или Албанија не напредуваат кон ЕУ и не бидат канети на форуми каде што Македонија е поканета, ние ќе престанеме да напредуваме и дали Македонија нема да прифати членство во ЕУ само затоа што таму членови нема да се Албанија и Косово?
Околу Албанија ќе кажам само дека ја промашиле стратегијата - да сум јас на нивно место енергијата би ја трошел на работа и реформи, а не на создавање и реализација на провидни игри од кои Албанците и Албанија не добиваат ништо. Додека кај нас е јасно, тоа е таа дволична политика на ДУИ од една страна секојдневно да го крадат пред сѐ својот албански народ, да го тероризираат создавајќи локални шерифи без кои не може никој ништо да направи, да не реализираат никакви проекти, лично да се богатат неколкумина додека мнозинството Албанци леб вадат во Швајцарија или Германија и пуштаат по некој франк или евро кај своите во Кичевско, Гостиварско, Липковско, Дебарско или Тетовско да преживеат, а од друга страна истата таа ДУИ им продава на Албанците големи приказни како вештачкиот нов закон за употреба на јазикот или патриотската игра во корист на Албанија. Ова неодоливо потсетува на онаа приказна каде што големиот манипулатор слаткоречиво му кажува приказни за убавата иднина на сиромашниот човек и му покажува кон далечината како убава иднина која го чека, и додека сиромашниот човек гледа во далечината и ја замислува таа иднина, слаткоречивиот манипулатор му го краде на сиромашниот и последното што му останало. За жал, таа е вистината за ДУИ и за албанскиот народ во Македонија, каде што ДУИ е слаткоречивиот манипулатор, а албанскиот народ сиромавиот човек кој ја чека убавата иднина.