Србија да ги отстрани бариерите во трговијата на ориз, сувомеснати и млечни производи од Македонија, која пак, како привремено решение, ќе работи на враќање на стариот правилник за контролните маркици за брашно, но со услови за инспекциски увид на увозното брашно од инспекторите на македонската Агенција за храна и ветеринарство.

Тоа го договориле македонскиот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев и српскиот вицепремер и министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ на денешната средба во Белград на која се усогласени решенија за поединечните отворени прашања во трговската размена помеѓу Македонија и Србија, соопшти Кабинетот на вицепремиерот Анѓушев, кој е во посета на Србија.

Вицепремиерите се договориле дека владите ќе направат напори до 30 јуни оваа година да бидат потпишани и ратификувани меморандуми за соработка во областите безбедност на храна и ветеринарнство и фитосанитарна соработка, со кои меѓусебно ќе бидат признаени сертификатите.

Како што се појаснува во соопштението, на тој начин, практично ќе престане потребата за двојно земање примероци и анализа на прехранбените производи, што во голема мера ќе ги намали дополнителните и непотребните трошоци со кои се соочуваат македонските и српските стопанственици.

Анѓушев и Љајиќ се согласиле дека дотогаш, двете влади ќе ги преземат сите неопходни мерки за олеснување на трговијата и отстранување на вонцаринските бариери при трговијата на двете земји.

Српските гранични служби се обврзувале да ги отстранат бариерите во трговијата на ориз, сувомеснати млечни производи од Македонија во Србија, што беше и главното барање на македонските компании кои извезуваат во Србија.

- Во исто време, од македонска страна е договорено како привремено решение да се работи на враќање на стариот правилник за контролните маркици за брашно, кој важеше до 7 февруари оваа година. Но, во тој случај, при увозот на брашно треба да се овозможат услови за непречен инспекциски увид на увозното брашно од страна на инспекторите на македонската Агенција за храна и ветеринарство на граничниот премин, со што ќе се контролира дали маркиците се соодветно залепени на брашното и дали брашното има соодветна деклариција, се вели во соопштението.

На состанокот е договорено да биде формирана мешовита работна група, во која ќе членуваат претставници од кабинетите на вицепремиерите и од Стопанските комори, а која секојдневно ќе биде во комуникација за решавање на сите идни отворени прашања во трговијата помегу двете држави.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2018 13:33