Новата македонска влада е отворена за соработка и Србија ја гледа како најзначаен сосед на Македонија, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев пред српските стопанственици.
Како што јави дописникот на МИА, Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, во рамки на денешната посета на Белград, во Стопанската комора на Србија (ПКС) ги презентираа можностите за инвестирање и мерките за поддршка на стопанството од Планот за економски раст на Владата.
Со советникот на претседателот на Стопанската комора на Србија Ненад Ѓурѓевиќ и со претставниците на 20-ина српски и македонски компании разговараа и за актуелни теми во работењето.
- Нашата цел е зголемување на економската соработка. Имавме средби со министерот Расим Љајиќ за одредени административни прашања, како и со министерката Зорана Михајловиќ на тема на заеднички инфраструктурни проекти кои се основа за развој на транспортот на стоки. Ќе се обидеме да го забрзаме протокот на луѓе и стоки на граничните премини за да ја подобриме конкурентноста на економијата, колку што е можно повеќе, нагласи Анѓушев пред бизнисмените.
Советникот на претседателот на ПКС Ѓурѓевиќ истакна дека состанокот претставува единствена можност да се разгледаат општите услови за бизнис и можностите за подобрување на економската соработка на двете земји.
- Нашата идеја денес е потпретседателот на Владата на Македонија да го презентира инвестицискиот потенцијал и да видиме кои се новите инструменти кои ги имаат подготвено за инвеститорите во нивната земја. Македонија за нас е многу важен економски партнер, бележиме зголемување на извозот и увозот, а проблемите што понекогаш се појавуваат, ПКС ги решава со својот најважен партнер, Стопанската комора на Македонија, рече Ѓурѓевиќ.
Додаде и дека повремено постојат несогласувања со воведувањето одредени нецарински бариери, но дека последните две недели се одржани состаноци на двете комисии за нивно отстранување и за подобрување на соработката.
Според Ѓурѓевиќ, заклучоците од овие два состаноци беа добри, поради што постои голем оптимизам.
Анѓушев денеска имаше средба и со српската вицепремиерка и министерка за градежништво, инфраструктура и сообраќај Зорана Михајловиќ, како и со вицепремерот и министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ.